Вести Македонија Најважни

Пратениците ја изгласаа интерпелацијата за Илире Даути

Со 61 глас „за“, 22 против и без ниту еден воздржан, пратениците ја поддржаа интерпелацијата на претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади Илире Даути што ја поднесе пратеничката група на Левица. Собранието констатира дека наводите во интерпелацијата на работата на Даути се основани. На седницата не присуствуваа пратениците на СДСМ.

Интерпелацијата ја образложи Сашко Јанчев кој рече дека Даути, со нејзиното „несовесно, неодговорно, противуставно и противзаконско однесување“, го кочи Законот за бранители со тоа што не го става на дневен ред на Комисијата со која претседава.

Во текот на расправата беа изнесени различни ставови и обвинувања, а одговор на поднесената интерпелација даде и Илире Даути. Во одговор рече дека со самото излагање на Јанчев се докажало дека интерпелацијата е без основа.

„Од каде и да гледате, ќе видите дека претседателката на Комисијата има право зашто ја сака вистината во целост. Таа е убедена дека ако се тргнат фрагменти од историјата, вистината останува половична, а со таква вистина не може да се гради иднина за граѓаните. Но прифаќам,  и пратеничката има свои слабости. Таа е Албанка и треба да се соочи со разликите кои постојат не само во оваа институција… Таа е убедена дека за овие прашања се тргнува од човечноста и дека прво треба да бидеме луѓе“, рече Даути.

Според неа, ако се прочитал член 9 од Уставот и член 176 од Деловникот „на секој ќе му биде јасно дека целта е да се покаже демонстрација на сила и диктат кон работата на пратениците што размислуваат различно“.

Бобан Карапејовски од ЗНАМ истакна дека ќе гласаат за интерпелацијата бидејќи, како што рече, „Деловникот мора да се почитува“. Поддршка најави и Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ, додека пратеникот Талат Џафери од ДУИ оцени дека интерпелацијата е закажана многу доцна.

Сали Мурати од Движењето на Турците на Македонија од Коалицијата „Европски фронт“ нагласи дека оваа интерпелација е неоснована и претставува обид за политизација на една, како што рече, исклучително чувствителна тема, која бара внимателен и балансиран пристап. Оваа интерпелација, како што рече, не води кон конструктивно решение, туку може само да ги продлабочи поделбите и да го отежне патот кон градење на општествена кохезија.

„Претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади Илире Даути во својата работа постојано покажува исклучителна посветеност кон градење конструктивен дијалог. Нејзиниот пристап не е опструкција, туку напротив тоа е одговорен обид да се обезбеди сеопфатна и темелна анализа, расправа за едно исклучително чувствително прашање кое длабоко засега различни општества во нашата држава“, изјави Мурати.

Ова е прва пленарна седница годинава, а покрај интерпелацијата на Даути, на дневен ред се и интерпелациите за работата на четворицата членови на Владата – вицепремиерите Изет Меџити и Иван Стоилковиќ, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и неговиот заменик, Астрит Исени.

Интерпелацијата на Даути беше поднесена од пратеничката група на Левица, додека останатите четири интерпеалции се поднесени од коалицијата „Европски фронт“.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Почина Александар Јовиќ – тажна вест на неколку часа пред првиот настап на Македонија на ракометното СП

Дејан Дејан

Ќе успее ли Жељасков да стане премиер – Радев денеска ќе му врачи мандат за формирање на влада

Дејан Дејан

Исклучена струја во шест региони во Украина – Русија претпладнево изведува масовни удари

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе