Вести Македонија Најважни

Измените на Законот за јавни набавки се упад во системот – Антикорупциска, опозицијата и невладиниот сектор со жестоки реакции

Антикорупциската комисија, невладиниот сектор и опозицијата со жестоки реакции откако владеачката коалиција по скратена постапка се обидува да направи измени во Законот за јавни набавки и да издејствува смена на Комисијата за жалби за јавни набавки и одземање на ингеренции на Бирото за јавни набавки.

Од платформата на граѓански организации за борба против корупцијата предупредуваат дека законските измени претставуваат сериозно уназадување на заштитата од корупција која, според сите параметри, е вкоренета и распространета во општеството и упад во работата на институциите и нивна партизација.

„Наместо, според препораките, да се зајакнува управната контрола и да се проширува опфатот на тендери кои ќе бидат контролирани врз основа на постојните „црвени знаменца“ за ризици од корупција, оваа контрола се укинува без каков и да е аргумент. Воведувањето на т.н. административна проверка наликува на стариот механизам кој беше предмет на многу контроверзии и критики од сите релевантни институции. Иако еднаш веќе беше повлечен предлогот, повторно се предвидува престанок на мандатите на претседателот и на членовите на Државната комисија за жалби по јавни набавки, без да бидат исполнети услови за разрешување и без какви и да се јавни консултации“, реагираат од Платформата на невладини организации за борба против корупцијата.

Од Антикорупциска побараа дебата и транспарентен процес, наместо скратена постапка, кога станува збор за законските измени за кои најавија дека почнале антикорупциска проверка.

„Јавните набавки се една од клучните хоризонтални области во Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси (2021-2025 година) и затоа секоја измена на законската рамка мора да биде предмет на внимателна и транспарентна проценка. Особено загрижува фактот што во предложените измени се предвидува промена на составот на Државната комисија за жалби по јавни набавки, во исклучително краток рок од 15 дена, што отвора дополнителни прашања за транспарентноста и оправданоста на ваквите измени“, велат од ДКСК. 

Од СДСМ се на став дека носењето закони по скратена постапка отвора врата за манипулации и намалување на транспарентноста, ја нарушува правната сигурност и е директен упад во системот.

Според предлог-законот во скратена постапка поднесена од седум пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, Бирото за јавни набавки ќе нема право да врши управни контроли врз јавните набавки, туку само ќе смее да прави административни проверки пред почеток на тендерот и да дава мислење за тендерските услови. Ингеренциите на Бирото се префрлаат на Државната комисија за жалби по јавни набавки и тоа во случај доколку некој од учесниците на тендерот покрене жалба по првичната одлука а доколку има само еден понудувач кој ќе го добие тендерот тогаш ќе нема кој да поднесе жалба.

Управна контрола е процедура која ја има во актуелниот закон со која се проверуваат веќе завршени тендери поголеми од 500 000 евра за набавка на стоки и услуги, односно поголеми од два милиони евра за работи. Последната за јавност позната управна контрола на тендер беше онаа извршена за набавката на Еуродизел за ЈСП, кога Бирото за јавна набавка нареди поништување на постапката во која имало само еден понудувач.

Огнен Чанчаревиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(Видео+фото) Откорнати лимови од покриви, скршени дрвја и гранки – апокалиптични сцени од невремето во Скопје

Sasko Dimovski

Трговската размена меѓу Македонија и Индија за пет години да биде половина милијарда долари – средба на претседателките Силјановска Давкова и Мурму во Скопје

Sasko Dimovski

Гостиварската вода била безбедна до 13 јули, утврдил Центарот за јавно здравје

Sonja Petrusevska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе