Повлекување од јавниот живот со тврдење дека e чист како солза. Поранешниот вицепремиер доцна синоќа ја соопшти одлуката на социјалните мрежи, откако беше ставен на американската „црна листа“ заедно со судијата Енвер Беџети поради вмешаност во значителна корупција.
Груби вели дека одлуката е тешка, но неопходна за мир на неговото семејство, но и за да не претставува ничиј политички товар во идното делување. Одлуката за ставање на „црната листа“, САД ја базираат на докази за примање поткуп во врска со судските процеси поврзани со екс-директорот на УБК, Мијалков.
„Иако одлуката нагласува дека таа не е за осуда, туку за поттикнување на подобрување на однесувањето, јас пред Бога, семејството и пријателите сум чист како солза, но со намера да придонесам за вистината, која многумина од вас гледам дека веќе ја знаете, а за да не бидам ничив политички товар, решив да се повлечам од јавниот живот и за ова го информирав претседателот Ахмети уште од првиот ден. Ова е тешка одлука, но неопходна за мир на моето семејство и зачувување на мојот личен и политички интегритет, како и за поддршка на континуитетот на работата и посветеноста на нашиот лидер Али Ахмети“, напиша Артан Груби, поранешен прв вицепремиер, на Фејсбук.
Американската „црна листа“ е силен допрен глас и јасна порака дека правосудните органи треба да постапуваат. Ова го вели претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова. Според неа, ваквите случаи треба да имаат завршница.
Запрашана за потребата од Закон за рестриктивни мерки, Сиљановска-Давкова вели дека има дилеми, бидејќи судството има начини и механизми да суди врз основа на докази во редовна постапка.
„Американската „црна листа“ е силен допрен глас, бидејќи во образложението не се вели дека тоа е политички чин, туку се работи за криминални дејства и притисоци врз судството. Јас имав големи дилеми од такви закони, бидејќи во судството има начини на комуникација на барање на докази, за комуникација со релевантни судови и така натаму“, истакна претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Од Коалицијата „Вреди“ која е дел од власта и денеска со реакција. Велат дека Демократската унија за интеграција се обидува да ги минимизира сериозните факти изнесени од страна на Стејт департментот. Прашуваат – уште колку пораки треба да испрати САД, за ДУИ да разбере дека имаат итна потреба од внатрешни реформи?!
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ додаваат – ДУИ е поразена партија и не е доволно Груби да си замине од политиката, туку и да ги врати парите стекнати од криминал.
„Вчера видовме срамен спектакл каде што сите експоненти на ДУИ од Али Ахмети до неговите чираци излегоа да го бранат Артан Груби. Дури се осмелија да се спротивстават на Стејт департмент велејќи дека Груби е чист ко солза. Но, сите знаеме колку е чист. Доказите се јасни“, изјави Башким Асани од „Вреди“.
„Груби не бил во сам во случаите на сомнежи за криминал. Тој имал свои соучесници кои мора да одговараат. Не е можно Артан Груби да се сомничи за криминал, а Али Ахмети да е чесен. Треба да одговара и Ахмети за сето тоа што им го направи на граѓаните на Македонија и Албанците кои ги злоупотребуваше и се богатеше на нивен грб“, изјави Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Американските истражители во случајов дошле до докази за вмешаност во корупција, а сега и македонските ќе тргнат по тој пат. Државниот обвинител Љупчо Коцевски вчера откри дека веќе ги искористил своите овластувања и оформил предмет за обезбедување докази во врска со наводите за поткуп и трговија со влијание.
Предметот е доставен до надлежното јавно обвинителство и ќе се испитува кој е давател на поткупот, кој е примател и дали имало тргување со влијанија.
Петар Догов
