Вести Македонија Најважни

Груби: Јас пред Бога, семејството и пријателите сум чист како солза

Вели чист е како солза, но ќе се повлече од политичкиот живот за да не биде политички товар на ДУИ, но и поради семејството. Екс вицепремиерот Артан Груби ја донел оваа одлука, откако беше ставен на американската „црна листа“, заедно со судијата Енвер Беџети, поради вмешаност во значителна корупција, конкретно поради примање поткуп во врска со судските процеси поврзани со екс директорот на УБК, Мијалков.

„Иако одлуката нагласува дека таа не е за осуда, туку за поттикнување на подобрување на однесувањето, јас пред Бога, семејството и пријателите сум чист како солза, но со намера да придонесам за вистината, која многумина од вас гледам дека веќе ја знаете, а за да не бидам ничив политички товар, решив да се повлечам од јавниот живот и за ова го информирав претседателот Ахмети уште од првиот ден. Ова е тешка одлука, но неопходна за мир на моето семејство и зачувување на мојот личен и политички интегритет, како и за поддршка на континуитетот на работата и посветеноста на нашиот лидер Али Ахмети“, напиша Груби.

Американските истражители дошле до докази за вмешаност во корупција, а сега и македонските ќе тргнат по тој пат. Државниот обвинител Коцевски отворил предмет.

„Поради сериозноста на наводите во последното назначување лица на „црната листа“ на САД, ги искористив своите овластувања и уште вчера оформив предмет за обезбедување докази во врска со наводите за поткуп и трговија со влијание. Предметот е доставен до надлежно јавно обвинителство. Ќе се испитува кој е давател на поткупот, кој е примател на поткупот, дали имало тргување со влијанија. Постапката почна од вчера“, изјави Коцевски.

Вчера попладне се огласија и од скопскиот Апелационен суд каде Беџети работи и девет и пол месеци го држел во фиока предметот „Таргет-Тврдина“ за Мијалков. Судиите од овој суд се согласиле дека бескомпромисна и неселективна борба против корупцијата е приоритетна.

„Независно, непристрасно, професионално и одговорно судство е важен столб на секоја држава, па оттука судиите на Апелациониот суд Скопје ја поддржуваат секоја заложба на надлежните државни институции за откривање и борба против евентуални случаи на висока корупција во судството, заради зачувување на интегритетот на судиите и судството во целина, но со почитување на начелото на презумпција на невиност“, соопштија од Апелација.

Освен „Таргет-Тврдина“, Апелација го укина и го врати на повторно судење и „Трезор“ во кој обвинет е, исто така, Мијалков, ја потврди ослободителната пресуда за „Тортура“, а за предметот „Плацеви на Водно“ му ја замени замени затворската казна со условна осуда.

Му застаре и делото во „Титаник 2“ кој еднаш беше укинат. Затворска казна од три години доби за спогодбата за предметот „Империја“ од која одлежа околу две години и доби условен отпуст.

Елена Ивановска Мукоска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Невремето во Штип предизвика штета и во Клиничката болница – зафатени одделенијата за Ортопедија и Интензивно лекување

Igor Trajkov

Минувач ѝ помогнал на тешко повредена скопјанка врз која паднало дрво – барајќи ѝ ја чантата, нашол бомба

Sasko Dimovski

Девет повредени лица во невремето во Скопје, од кои две потешко, се примени во клиниката за ТОАРИЛУЦ

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе