Вести Најважни Свет

Со падот на Дамаск, падна и власта на Башар ал Асад – претседателот ја напушти Сирија со авион

Дамаск падна во рацете на бунтовниците. Уривањето на власта на претседателот Башар ал-Асад, чие семејство владееше половина век, беше еуфорично прославена низ целата земја. Илјадници луѓе, пешки и со автомобили, ги наполнија улиците и плоштадите, веејќи знамиња и извикувајќи „слобода“, „да живее Сирија“ и „долу ал-Асад“. Дел од нив тргнаа во потрага на своите најблиски кои со години се зад решетки.

Претседателот Башар ал Асад се качил во авион и ја напуштил Сирија во моментот кога бунтовниците објавија контрола врз главниот град. Но, дестинацијата кон која се упатил засега е непозната. Според едни, отпатувал во Русија, каде планира да побара азил, но и да формираа влада во егзил. „Ројтерс“, пак, повикувајќи се на податоци на Флајтрадар, објави дека неговиот авион одеднаш исчезнал од радарот, непосредно по полетувањето од Дамаск. Засега не се знае неговата судбина.

Се огласи руското министерство за надворешни работи кое потврди дека Асад ја напуштил земјата, откако дал упатства за мирно примопредавање на власта. На социјалните мрежи се појави и видео на кое се гледа како сирискиот премиер Мохамед Гази ал-Јајали се движи во придружба на бунтовници во Дамаск, наводно во хотел за да ги предаде владините овластувања. Порача дека сирискиот народ ќе избере ново раководство, а тие се подготвени за соработка било кој да дојде на власт.

Лидерите на бунтовниците јавно најавија дека нема да наштетат никому. По преземање на контролата врз главниот град, воведоа полициски час кој ќе биде на сила од 16 часот попладне до 5 часот наутро и изразија подготвеност за соработка со меѓународната заедница за стабилизирање на Сирија.

Граѓанската војна која избори во Сирија во 2011 година, како бунт против владеењето на Асад, ги вовлече големите светски сили и создаде простор за џихадистички милитанти да планираат напади ширум светот, но извезе и милиони бегалци во соседните земји.

Хајат Тахрир ал-Шам, најсилната бунтовничка група, е поранешна подружница на Ал Каеда во Сирија и се најде на листа на терористички организации во САД и во други земји. Голем број на Сиријци стравуваат дека во наредниот период ќе наметнат драконско исламистичко владеење во земјата.

Сашко Димовски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Пожар во куќа во центарот на Куманово

Дејан Дејан

Се сретнаа Лавров и Рубио, во Ријад почнуваат руско-американските разговори

Дејан Дејан

Земјотреси од 4,9 и 5 степени регистрирани во близина на Санторини

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе