Башар ал Асад попладнево пристигна во Москва, објавија руските државни медиуми, повикувајќи се на извор од Кремљ. Според него, Русија му дала азил на соборениот сириски претседател и неговото семејство. Од Кремљ додаваат дека лидерите на сириската опозиција дале гаранции за руските воени бази во Хмеим и Тартус, како и за руските дипломатски претставништва во земјата. Руското МНР претходно објави дека Асад ја напушти Сирија по преговорите со бунтовничките групи и дал инструкции за мирен трансфер на власта.
Додека траеше тајната операција за изнесување на Асад од Дамаск, Сирија потона во полициски час што го воведоа опозициските сили по преземање на власта. Нешто пред да стапи во сила, лидерот на најсилната опозициска група во земјата се појави во џамијата Умајад во главниот град и победата над Асад, по молскавичната офанзива, ја посвети на исламската нација.
Абу Мохамед ал Голани го замени турбанот со костум, фундаменталистичкиот речник со умерен и застана на чело на најсилната опозициска група во Сирија – Хајат Тахрир ал Шам. Исламистичкиот лидер на бунтовничката организација пред себе си постави цел – да го урне режимот на Башар ал Асад кој со земјата владееше од 2000 година. И успеа во тоа за само 11 дена, иако се чинеше дека ќе му требаат месеци, години, па и децении. Етикетиран како терорист од САД, но тој и неговите борци од кои голем дел се исламски џихадисти се промовираа во клучен играч за иднината на Сирија. Но, нема да бидат единствени кои во хаотичната ситуација ќе гледаат шанса да се наметнат на преговарачка маса.
Лидерите на бунтовниците јавно најавија дека нема да наштетат никому. По преземање на контролата врз главниот град, изразија подготвеност за соработка со меѓународната заедница за стабилизирање на Сирија.
Граѓанската војна која избори во Сирија во 2011 година, како бунт против владеењето на Асад, ги вовлече големите светски сили и создаде простор за џихадистички милитанти да планираат напади ширум светот, но извезе и милиони бегалци во соседните земји. Хајат Тахрир ал-Шам, најсилната бунтовничка група, е поранешна подружница на Ал Каеда во Сирија и се најде на листа на терористички организации во САД и во други земји. Голем број на Сиријци стравуваат дека во наредниот период ќе наметнат драконско исламистичко владеење во земјата.
Сашко Димовски
