Сириските бунтовници освоија уште еден град, откако минатата недела успеаја да го заземат Алепо и се закануваат офанзивата да ја продолжат кон Хомс.
Колони возила го напуштаат третиот по големина град во Сирија денеска. Десетици илјади цивили, во најголем дел припадници на Алавитската секта, од која доаѓа и сирискиот претседател Башар ал Асад, веќе избегаа од градот очекувајќи дека владините сили нема да ги запрат исламските милитанти.
По неколку дневни интензивни борби, вчера владините сили се повлекоа од градот Хама, пред борците на исламистичката милитантна група Хајат Тахрир ал Шам. Сириската армија соопшти дека се повлекла од Хама, и новата одбранбена линија ја поставила надвор од градот за да избегне водење улични борби во кои би имало голем број на цивилни жртви.
Русија, која е најзначајниот сојузник на режимот на Асад изминативе денови ги бомбардира позициите на исламистите, а Иран и организациите поддржани од него испратија дополнителни борци, но засега ништо не ја забавува офанзивата на исламистичките бунтовници.
Борците на Хајат Тарир ал Шам напредуваат по автопатот кој ја поврзува престолнината Дамаск со вториот најголем град во земјата, Алепо, кој е најзначајниот коридор што го контролираа владините сили.
Според податоците на ООН, од почетокот на бунтовничката офанзива во северниот дел на Сирија, своите домови ги напуштиле околу 280.000 лица.
Сириската опсерваторија за човекови права соопшти дека во борбите досега загинале 820 лица, од кои 111 биле цивили.