Силни реакции во јавноста по вчерашниот инцидент на прославата по повод денoт на Албанското знаме на која беше сквернавено македонското знаме. Видеоснимките кои кружат по социјалните медиуми забележаа група граѓани кои го кинат и палат државниот симбол.
Инцидентот се случил синоќа во близина на Бит Пазар откако претходно полицијата интервенирала поради блокирањето на сообраќајот во делови од градот нешто што претходно не било најавено, како и поради употреба на огнено оружје за време на прославата.
Од утрово голем број реакции пристигнаа и од страна на политичките партии. ВМРО-ДПМНЕ остро го осуди инцидентот, повикувајќи на санкции за сторителите и нагласувајќи дека законот мора да важи за сите.
Партијата исто така реагираше на навредливите скандирања и акциите на одредени групи кои, како што тврдат, имаат политичка позадина и сакаат да создадат етнички поделби и тензии во јавниот дискурс. Нивниот коалициски партнер Влен излезе со став дека зад овие инциденти стојат фактори кои не и сакаат добро на државата.
По досега невидената прослава на 28 ноември, додека албанската песна и оро одекнуваа низ целата земја, очигледно оваа празнична атмосфера не им одговараше на оние на кои им се наруши комфорот на фотелјите на власта. На крајот на денот се појавија овие кругови кои сакаат да ја дестабилизираат државата.
Не затоа што ја сакаат државата, туку затоа што им недостига власта, велат од Влен. За Демократската унија за интеграција пак полицијата е виновна за предизвикување на тензиите и нарушување на правото на граѓаните да го прослават значајниот празник.
Тие го осудуваат палењето на државното знаме, но нагласуваат дека тоа не ги одразува вистинските вредности на Албанците и нивниот стремеж за соживот. Опозициската партија СДСМ реагираше на недостатокот на превенција и контрола од страна на Министерството за внатрешни работи, кое, според нив, не презело брза и одлучна интервенција за спречување на инцидентите.
Либерално-демократската партија се огласи со осуда на сквернавењето на знамето, истакнувајќи дека ваквите дејства не се само навреда на државата, туку и напад на основните вредности на соживот и граѓанска одговорност. Тие го нагласија значењето на македонското знаме како симбол на единството на сите граѓани на земјата.
