Социјалдемократите предвидуваат промени во владината коалиција, а од власта негираат.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ во Собранието, Оливер Спасовски, во интервју за Радио Слободна Европа вели дека очекува Демократската унија за интеграција набрзо да стане дел од Владата.
За опозицијата, евидентно е дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ соработуваат и дека тоа се покажало на дело со поддршката за одредени законски решенија кои се носат со двотретинско мнозинство во законодавниот дом.
Таков е Законот за организација на органите на државната управа, а последен пример е Законот за локална самоуправа.
„Ние само ги гледаме потезите коишто се влечат во Собранието во овој период. Коалицијата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ е поставена на сериозно добри односи сега. И мене нема да ме изненади и за очекување ми е дека во наредниот период ДУИ би била сигурно дел од Владата“, вели Оливер Спасовски, координатор на пратеничката група на СДСМ.
Додека опозицијата будно ги следи потезите на власта, оние кои се дел од владината коалиција веќе ги прославуваат првите сто дена на власт.
Од ВМРО-ДПМНЕ им порачаа на СДСМ дека тие заедно со ДУИ од опозиција ќе гледаат како Македонија оди напред.
„Да не се грижи Спасовски и СДС, ДУИ не им го земаме. Допрва следува ситнење во СДС заради нивните лоши политики во изминатите 7 години и никакво растурање на пердуви нема да им помогне да го спречат тоа“, рагираат од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.
Од Коалицијата Вреди оценуваат дека опозицијата е деструктивна и со се што прават досега само се обидуваат да се спасат од одговорност.
Тие денеска организираа прослава за 100 дена од Владата, со наслов „преминуваме на дела“.
Се пофалија со досега сработеното, но ги избегнаа прашањата на новинарите.
Изет Меџити, пред камерите испрати порака до своите поранешни сопартијци. Но, пред да ги слушне другите прашања на медиумите, тој и другите лидери на Вреди влегоа во салата со образложение дека „ова е прослава“.
„Секојдневно гледаме дека се соочуваме со една деструктивна опозиција која секојдневно критикуваше без аргументи, беспредметно и сето тоа во функција на дестабилизација и дефокус. Не во интерес на граѓаните, туку како да се спасат од одговорност. Додека одат по паметот на господинот Груби со неговите смешни кампањи, не им се пишува добро“, кажа денеска Изет Меџити од Коалицијата Вреди.
За само 100 дена власт, Вреди и Владата ја оддалечија државата од Европа и Америка и создадоа непријателства со Грција, Бугарија, Косово и Албанија.
Ова се вели во соопштението на интегративците на Ахмети.
„ДУИ останува цврсто определена да продолжи да биде гардиан на нашето евро-американско партнерство и по ниедна цена нема да дозволи промена на западниот курс на државата“, се вели во дел од соопштението на ДУИ.
Првите сто дена од новата Влада предводена од Христијан Мицкоски ги одбележаа најавите за длабоки реформи на сите нивоа и предупредувањата за обиди за дестабилизација на државата.
Во сите изјави на владините претставници постојано провејуваат заложбите за бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата.
Петар Догов