Труење со епидемиски размери се случило во основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“, во скопски Аеродром. Сомнежите се дека симптомите се појавиле кај основци, по училишниот оброк.
Санитарна и здравствена инспекција веќе беше во училишната кујна кога пристигнаа и медиумите.
Зеле примероци за анализа, за да ги утврдуваат причините за масовното труење.
Децата од прво до трето одделение во целодневна настава, според информациите ручале мусака, а добиле и десерт по ручекот.
Потоа, слични симптоми пројавиле 140 ученици од вкупно 360 коишто се дел од целодневна.
Случајот е пријавен во сите надлежни институци.
„Во раните утрински часови одреден број од наставниците пријавија зголемен број на отсутни ученици со исти симптоми. Ние како училиште веднаш ја затворивме кујната и го спречивме делењето на топлиот оброк. Дел од учениците од целодневна настава беа испратени дома бидејќи не можат децата да останат без топол оброк долго време“, вели директорот на ООУ „Ѓорѓија Пулевски“, Александар Филипчев.
Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат известуваат дека извршиле вонреден надзор при што се земени 5 примероци од храна, 4 бриса од работни површини, брисеви од раце и од нос на вработените во кујната.
Земените примероци се доставени за анализа во лабораториите ЦЈЗ – Скопје и Институтот за јавно здравје.
„Санитарно-хигиенската состојба во кујната со која стопанисува фирма со која училиштето има договор за подготвување и послужување појадок, ручек и ужина задоволува. Доставени се на увид санитарни книшки за извршени здравствено–хигиенски прегледи на вработените во законски рок. Дезинфекција, дезинсекција и дератизација е извршена од овластена установа во законски рок. Се користат и средства за дезинфекција за работните површини и опремата. ДСЗИ ја затвори кујната записнички, со службена лента и ќe се издаде решение за забрана за работа до спроведување на санитарно-хигиенски и противепидемиски и мерки“, се вели во дел од соопштението на ДСЗИ.
Според информациите, ниту едно дете не е донесено на Инфективна, а едно дете е донесено на инфузија во амбулантата на Клиниката за детски болести.
Од ДСЗИ велат дека до завршување на вонредниот инспекциски надзор добиени се пријави за заразно заболување од лекар педијатар за 7 деца – ученици во училиштето.
Но, родители на затруени ученици коишто се јавија во редакцијата на Телма информираат дека бројот на деца донесени на лекар за да добијат медицинска помош, е многу поголем.
Петар Догов