Вести Економија Македонија

Почна изградба на фабрика на германски БМЗ во ТИРЗ Скопје, нови 1000 работни места

 Во Технолошко – индустриската развојна зона – Скопје, денеска беше одбележан почетокот на градбата на фабрика на германската БМЗ груп која се занимава со изградба на литум јонски батерии. Инвестицијата изнесува 65 милиони евра, се очекува фабриката да биде готова до мај следната година, а извозот во првите три години да достигне најмалку 60 милиони евра.

Комерцијалното производство е почнато со браундфилд инвестиција, но недостасувал повеќе простор што ќе се обезбеди во модерна фабрика  во која вкупниот број вработени се  најавува да достигне илјада.

Јелица Ивановска, генерален директор на БМЗ Македонија, информираше дека сега најмногу извезуваат во Германија и во Полска, но и во сите европски земји.

– Ние веќе произведуваме. Сега во моментот работиме во „браунфил“ лоциран во поранешните простории на фабриката „Раде Кончар“, односно во постоечки објект што е прилагоден на потребите на бизнисот. Во моментот имаме 110 вработени во сите сектори и работиме со пет функционални валидирани линии. Започнато ни е комерцијалното производство, со тоа што ни треба многу повеќе простор. Таму каде сме сега не е доволен просторот. Ова ќе биде нова и модерна фабрика и планирано е да имаме во првата фаза што сега ја градиме, 40 линии, а вкупниот број на вработени треба да стаса меѓу 770 и 1 000 вработени, нагласи Ивановска.

Како што додаде таа, во план е фабриката да се пушти во погон во мај, а се очекува да извезуваат и надвор од европскиот пазар.

Премиерот Христијан Мицкоски рече дека како влада, ќе продолжат да поддржуваат ваков тип проекти.

Од разговорот можам да кажам дека во првите години ќе имаме извоз од 35 до 40 милиони евра, максимум 60 милиони во првите три години извоз. Понатаму, тој може да достигне и до 130, па и повеќе милиони евра. Нешто што позитивно ќе влијае за нашата македонска економија, нагласи премиерот, посакувајќи да се множат ваков тип инвестиции.

Премиерот му се заблагодари на поранешниот вицепремиер Фатмир Битиќи, за ангажманот за оваа инвестиција, односно како што рече, „затоа што процесот го водел дотука до каде што го водел“.

– Жалам што не успеал да го заврши докрај. Претпоставувам, не успеал да ги убеди граѓаните како што еве ги убедувал неговите сопартијци на 8 мај, па доживеа дебакл каков што доживеа. Оваа влада мораше сега заедно со инвеститорот, да го заврши овој процес, рече Мицкоски.

Тој соопшти дека во тек се преговори за проширување на две веќе постоечки инвестиции од странските инвеститори.

– Но и една нова, што ја преговараме и сме во завршна фаза со уште една многу голема и моќна европска држава, членка на Европската Унија. Се надевам и сигурен сум дека и таа ќе се заврши до крајот на годината, со што мислам дека сериозно ќе биде исцрпен човечкиот потенцијал за ваков тип на инвестиции кај нас. Мислам дека на тој начин ќе додадеме вредност во процесот на зголемување на бруто домашниот производ, нешто што ни е многу важно, изјави премиерот Мицкоски.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Агелер за ставањето на Груби и Беџети на црната листа на САД: Политичкото мешање во судството не смее да се толерира

Дејан Дејан

Артан Груби и Енвер Беџети на црната листа на Стејт департментот

Дејан Дејан

Ахмети побара од Уставниот суд да ги отфрли иницијативите за Законот за јазици

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе