Нови трансакции од Америка кон фирмата на Дрин Ахмети, внукот на Али Ахмети, открива КОД во ова продолжение. Според сознанијата на КОД, испраќач на парите, на сума од повеќе милиони долари е веќе објавениот Ник Назар Мехмети, сопственик на стриптиз бар во Тексас и познат припадник на албанската дијаспора во САД. Од обвинителството за КОД штуро кажаа дека сите трансакции поврзани со Соравија и фирмта Тхор на Дрин АХмети се истражуваат и за нив се бараат информации.
Информациите во предистрагата се бараат дури од надлежните истражни органи во Америка. Во меѓувреме, Дрин Ахмети си замина од Соравија и не е веќе управител на фирмата која го поседува големиот трговски центар во срцето на Скопје. Тој се „испишал“ од Соравиа, само два дена после првото истражување на КОД кога беше објавена американската инвестиција на контроверзниот бизнисмен Ник Мехмети и партнерство со внукот на лидерот на ДУИ. Си заминал со многу лоши бизнис резултати иако беше фален како одличен млад претприемач. И иако во неговата фирма Тхор го зголемил профитот во истата 2023-та година.
Трансфер на пари од САД
Нови милиони стигнале во скопското седиште на Соравиа, откриваат за КОД добро информирани извори, а за новите финансиски трансакции поврзани со купувањето на овој деловно-трговски центар, информации се доставени и во обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција во рамки на предистрагата за внукот на Аlи Ахмети, Дрин.
Според сознанијата на КОД, реализирани се две трансакции и тоа од Соединетите Американски држави. Ник Назар Мехмети, жител на Далас во Тексас, а со потекло од Ресен е уплаќачот. КОД веќе неколкупати објавуваше податоци за овој инвеститор- во Тексас има стриптиз барови, а во Скопје лани во јули формира фирма со 3 милиони евра кои ги даде како позајмица на фирмата Тхор чиј сопственик е Дрин Ахмети, внукот на лидерот на ДУИ. Делат и исто седиште, и Тхор на Ахмети и Американ ивестмент на Американецот Мехмети се регистрирани на Филип Втори Македонски број 3, спрат 11- односно канцелариите им се во Соравиа.
Двете трансакции во вкупна вредност од 4,5 милиони американски долари се извршени кон фирмата Тхор индустриес во март и во април оваа година. Односно пред и за време на изборната кампања.
Ги уплатувал Ник Мехмети, а парите потоа го продолжиле кругот- биле уплатени на фирмата Соравиа инвест, сопственик на деловниот центар Соравиа во Скопје. Потоа се исплатени кон странство односно во Австрија. Во Австрија се наоѓа седиштето на Соравиа која лани во мај објави зделка со внукот на Али Ахмети.
Обвинителство: Барање за меѓународна правна помош од САД
На прашањата на КОД, од обвинителството ни одговорија дека предистражната постапка за која нема рокови се уште трае и „најголем дел од побараната документација е обезбедена и анализирана“. Надлежната обвинителка од организиран криминал која води постапката чека анализа на дел од документацијата која по нејзина наредба ја вршат две единици на МВР, за финансиски и за економски криминал.
Во врска со трансакциите, ни одговорија дека сите трансакции поврзани со Тхор, Соравиа и со Дрин Ахмети се анализираат и се опфатени со предистрагата. Од Обвинителството потврдија и дека предистрагата е проширена и надвор од државата, се бараат информации од надлежните американски органи.
-Од анализата на досега прибраната документација во соработка со Управата за финансиско разузнавање се преземаат и други предистражни дејствија. Во меѓувреме по добиени одредени податоци од Управата за финансиско разузнавање јавниот обвинител поднесе барање за меѓународна правна помош до САД заради утврдување на релевантни факти од важност за предистражната постапка, ни одговорија од ОЈОГОКК.
Америка активно помагаше со информации и сознанија за време на истрагите на СЈО за економски и функционерски криминал. Од обвинителството не ни одговорија во кој рок американските служби треба да им одговорат за бараната меѓународна правна помош.
До Тхор упативме прашања за најавите дека американска фирма ќе го преземе уделот на Дрин Ахмети од фирмата. Колку ресенчанецот од Тексас, Ник Назар Мехмети е инволвиран во таа зделка и во зделката за купување на Соравија. Вкупно досега оттаму и од него се уплатени 3 милиони евра и 4,5 милиони долари.
Код пред 5 месеци почна и објави три истражувачки стории за човекот од Тексас кој му стана партнер на Дрин Ахмети, како и за повлекувањето на внукот на лидерот на ДУИ од неговата омилена фирма крстена по викиншкото божество Тхор и за неговиот партнер од Тексас.
Во Централниот регистар името на Дрин Ахмети се уште стои и како сопственик и како управител на Тхор Индустриес. Во 2023-та се зголемени и приходите и профитот на оваа фирма и тоа за повеќе од двојно. Лани профитот бил 135 илјади евра од околу 840 илјади евра остварени приходи на Тхор. Нема никаква промена ниту инвестиција од спомнатата мистериозна компанија Тексас АМерикан интернешнл холдинг. (Texas American International Holdings LLC).
Бизнис резултати на Дрин Ахмети и промена по финансиски минус
Но, од друга страна името на Дрин Ахмети исчезна и е избришано од портфолио на друга фирма, Соравиа Инвест. Сопственикот на деловниот центар Соравиа во срцето на градот.
На 3-ти март, КОД го објави првото продолжение за инвестицијата од Тексас во Соравиа односно за партнерството со Дрин Ахмети. Два дена подоцна, на 5-ти март, од фирмата Соравиа во Централниот регистар упатиле формулар за промена. Дрин Ахмети да биде избришан од управител во Соравиа инвест, а на тоа место да биде впишана неговата соработничка од Тхор, Егзона Ризмани. Конечната промена е впишана во април (09.04.2024), две недели пред првиот изборен круг.
Дрин АХмети бил управител на Соравиа Инвест околу 7 месеци. Во негов мандат на управување и со негов потпис има само еден финансиски извештај за работењето. Иако партиски претставници на ДУИ, неговиот стрико Али Ахмети, како и австрискиот сопственик на Соравиа го претставуваа 26-годишниот жител на Зајас како талентиран и многу добар и креативен претприемач, извештајот на деловните резултати на Соравиа под водство на Дрин Ахмети, не се розови и ефикасни.
Ланската 2023-та, Соравиа ја завршува со намалување на приходите за 27,77%, но и во минус. Со 196 милиони денари (3,2 милиони евра) расходи и приходи од едвај 2,3 милиони евра (140.574.300 денари), Дрин Ахмети ланската година ја завршил наместо со профит, со губиток од нешто над 900-тини илјади евра.
Дополнително кога си заминал од Соравиа инвест, оставил долг од над 5 милиони денари за ДДВ (90.000 евра) и за ланската година не биле уплатени над 26 милиони денари за данок на добивка од кириите во Соравија односно искреирал дополнителен долг од 430 илјади евра. На крајот на мај, Соравиа инвест должи на државата за данок вкупно 450 илјади евра.
И огнометите на Дрин се уште во предистрага
Во таа фирма сепак легнале пари, од Америка, од Ник Назар Мехмети и тоа преку Дрин Ахмети и неговата фирма Тхор. Еднаш 3 милиони евра како позајмица. Тоа било лани, а позајмицата никогаш не била вратена на Американ Инвестментс, скопска фирма на Ник Мехмети. Во март и во април, кога Дрин Ахмети е на излезна врата од Соравија, се уплатуваат уште 4 и пол милиони долари. Обвинителството тврди дека ги истражува и дека очекува меѓународна правна помош од САД бидејќи парите стигнале од Америка.
До монтирањето на прилогот не стигна одговор од фирмата Тхор на Дрин Ахмети иако прашањата беа испратени на 18-ти јуни и на 10-ти јули.
За внукот на Ахмети, се уште е отворена уште една предистрага, за најдената пиротехника и огномети во гепекот на автомобилот на Дрин Ахмети, лани пред Нова година. Скопското обвинителство се уште прибира докази за да утврди дали во прашање е кривично дело или прекршок. И додека истрагите траат, продолжува протокот на пари кон фирмите со негов удел. И тоа не од било каде, туку од Америка.
Миомир Серафиновиќ
Емисијата „Што има во обвинението за убиствата на Вања и Панчо. Нови долари за Дрин Ахмети“ беше емитувана на 14.07.2024.