Вести Македонија Најважни

Африм Гаши избран за нов спикер – 76 пратеници гласаа „ЗА“, против беа од Левица, СДСМ не гласаше, а од ДУИ беа отсутни

Африм Гаши вчера ја напушти претседателската позиција во партијата Алтернатива. Денеска, на предлог на Изет Меџити, стана новиот претседател на законодаваниот дом.

Гаши е изгласан со 76 гласа „ЗА“. Против беа шестмината од Левица, од СДСМ не гласаа, додека, пак, пратениците од Деморатската унија за интеграција не беа во салата.

Свечената изјава ја даде најпрво на албански, а потоа на македонски јазик, пред да ја преземе функцијата.

„Иако тука сум со мојата политичка, етничка и верска припадност, а утре со претстојната Влада којашто се комбинира помеѓу ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата ВЛЕН и партијата ЗНАМ, јас ќе бидам дел од владиното мнозинство. Сепак, како претседател на Собранието, мојата единствена припадност ќе биде гаранцијата дека ниеден пратеник нема да се чувствува незастапен или не дај Боже – дискриминиран“, кажа новиот претседател на Собранието, Африм Гаши, во своето обраќање.

Дневниот ред на денешната прва седница на новиот пратенички состав се состоеше од четири точки. Најпрво беа избрани претседателот и членовите на Верификационата комисија, а потоа беа верификувани мандатите на 118 пратеници.

Со тоа им престана мандатот на пратениците од стариот состав.

Претпоследната точка беше за избор на претседател, заменик, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата. За крај, изборот на претседател на Собранието.

Дискусијата заглави токму на последната точка. Сѐ започна претпладне, пред пратениците за првпат да седнат во пратеничките фотелји.

Претседателите на Левица и ВМРО-ДПМНЕ преку медиумите си испратија остри коментари пред собраниските порти, а потоа дискусијата ја префрлија на говорницата.

Димитар Апасиев од Левица беше последниот пријавен дискутант на точката за избор на претседател, а Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ му реплицираше.

За Левица, новиот собраниски спикер Африм Гаши е „необалист“ кој не ја почитува оваа држава.

Од ВМРО-ДПМНЕ ги обвинија за евтин политички театар.

„Почитувани, ние немаме проблем што Африм Гаши е Албанец. Имаме проблем што е „необалист“ и што е „македонофоб“. Што отворено ги руга државните македонски инсигнии кои нам нѝ значат, а на него не му значат ништо. Ова е генерална проба за Бугари во Устав. Овој парламентарен состав, овие „центарци“ кои сега ги гледате ќе ви ги внесат Бугарите во Уставот до Нова година!“, кажа претседателот на Левица, Димитар Апасиев, на собраниската говорница.

 

„За жал, од време на време ќе бидете сведоци на вакви егзибиционисти коишто во отсуство на друга идеја ќе навредуваат, ќе омаловажуваат и ќе понижуваат. За жал, истите овие луѓе имаа можност да застанат позади политиките позади коишто застанаа повеќе од половина милион наши сограѓани. И за тие политики немаше гласови само на Македонци“, одговори претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

По свечената изјава и обраќање на новиот собраниски спикер Африм Гаши, следуваше кратка свеченост на која тој прими честитки од колегите пратеници.

Следуваше примопредавањето на функцијата. Јован Митрески, кој беше на позицијата откако Џафери стана технички премиер накратко се сретна со Гаши, а потоа и двајцата дадоа свои изјави.

„Во следниот период да продолжи да се јакне независноста на Собранието, да се јакне контролниот механизам на Собранието, да се јакне транспарентноста. Само на тој начин ќе продолжиме да ја враќаме довербата на граѓаните во законодавниот дом“, изјави Јован Митрески, поранешниот претседател на Собранието на РС. Македонија.

 

„Јас лично ќе се загрижам и најдостоинствено ќе се трудам да го кренеме на повисоко ниво, за ова Собрание да биде во служба на сите граѓани, да соработуваме со сите политички партии и најважно – да ги зацврстиме институциите на државата, за да зрееме како држава и како институции“, ВЕЛИ аФРИМ гАШИ, НОВОИЗБРАНИОТ СОБРАНИСКИ СПИКЕР.

Во новиот состав на Собранието, ВМРО-ДПМНЕ има 58 пратеници, пред СДСМ и ДУИ со по 18, Вреди има 14 мандати и Левица и ЗНАМ 6 претставници во законодавниот дом.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Пронајдени уште 10 загинати, вкупно 76 жртви во пожарот во хотел во Турција, приведени девет лица – утре Ден на жалост во земјата

Дејан Дејан

Први реакции по извршните наредби на Трамп- мигрантите, екологистите, здравствените и економските власти се загрижени

Дејан Дејан

Приведени четири лица за пожарот во хотелот во кој загинаа 66 луѓе – Ден на жалост утре во Турција

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе