„Време е за единство“ – одекна како порака од Собранието, во моментите кога Гордана Силјановска – Давкова ја презеде функцијата претседател на државата.
На свечена церемонија, пред претставници на државниот врв, дипломатскиот кор и верските лидери, новоизбраната шефица на државата одржа говор во чиј фокус беа жените во политиката.
Од собраниската говорница порача дека ќе се залага да ги инспирира жените да бидат политички лидери.
Гордана Силјановска – Давкова вети дека нема никого да дели по ниту една основа и ќе се обиде да ги оправда гласовите и довербата која ја доби на претседателските избори.
„Нема да правам разлика ниту по етничка, ниту по верска, ниту по полова, ниту по која било друга разлика. Ќе се обидам да ги оправдам овие илјадници гласови кои не се само најубав подарок за мојот роденден туку се и најголемата обврска што сум ја имала во животот“, кажа Гордана Силјановска – Давкова, новата претседателка на Република Северна Македонија.
Се заложи за меритократија и се потпре на владеењето на правото – како клуч за Македонија да стане европска држава.
„Стручност и компетентност“ – ќе бидат првите критериуми за нејзиното опкружување, истакна Силјановска – Давкова.
„Во ова Собрание јас ќе ги читам законите и ќе се обидам да укажам на женски начин дека не мора да дојде до вето, дека може да направиме преку обраќањето некои корекции. Исто така, кога ќе именувам или кога ќе предлагам членови на Судскиот совет или на Уставниот суд или на кој било орган, се разбира дека ќе тргнувам од стручноста и компетентноста. Знаете зошто?! Затоа што жените се таму на вистинските функции каде што се ценат стручноста и компетентноста“, додаде Силјановска – Давкова во говорот во Собранието.
Неколку минути пред пригодниот говор, Гордана Силјановска – Давкова ја даде свечената заклетва.
„Изјавувам дека функцијата Претседател на Македонија ќе ја вршам совесно и одговорно, ќе го почитувам Уставот и законите и ќе го штитам суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Македонија“, е свечената изјава на Гордана Силјановска – Давкова.
Силјановска – Давкова ја потпиша свечената изјава на која пишува Република Северна Македонија, но не го изговори целото уставно име. Потоа, грчката амбасадорка во Скопје, Софија Филипиду, ја напушти собраниската галерија среде заклетвата.
Филипиду дотогаш седеше помеѓу американската амбасадорка Агелер и холандскиот амбасадор Коп, веднаш до излезот од галеријата.
Во говорот по заклетвата, Силјановска – Давкова пред стариот собраниски состав, но и будното око на новоизбраните пратеници, побара разбирање секогаш кога ќе даде свој предлог, но и кога ќе стави вето.
„Владеење на правото е тоа што може да ја направи оваа земја европска држава. Владеење на правото! Не владеење на малкумина или владеење на неколку мажи. Мислам дека ќе ми помогнете, а јас вам“ заклучи Гордана Силјановска – Давкова во својот говор на инаугурацијата.
Благодарност за довербата на Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, партијата која ја предложи за претседател, но и „благодарам“ за џентлменската честитка од Ковачевски од СДСМ претходеа во говорот на новата претседателка Гордана Силјановска – Давкова – пред да уследи порака и за сите мажи во политиката.
Од собраниската сала, Силјановска – Давкова и останатите се упатија на свечен коктел во кристалната сала. Се редеа честитките од страна на странските дипломати гости на инаугурацијата, партиски претставници и други поканети.
По целиот формален, а потоа и неформален дел – Силјановска – Давкова се упати на финалната локација за денеска, Вила Водно.
Ја пречека досегашниот претседател, Стево Пендаровски. Тој џентлменски ја прими првата жена-претседател во историјата на државата, заедно се прошетаа во претседателската вила и кратко поразговараа.
Гордана Силјановска – Давкова е шестиот претседател од осамостојувањето на државата. Оваа функција досега ја извршуваа Киро Глигоров, Борис Трајковски, Бранко Црвенковски, Ѓорѓе Иванов и Стево Пендаровски.
Петар Догов