Кандидатот Бујар Османи ако биде претседател ќе предложи меѓународен борд за проверка на подобноста на кандидатите на јавните функционери. Во бордот, покрај претставници од Македонија, ќе има и експерти од САД, ЕУ, НАТО, кои заедно ќе проверуваат дали функционерите се поврзани со корупција или со руско влијание. Османи бара и усвојување на законот за ветинг, а смета дека е потребна борба и со корупција на пониско ниво.
Борбата за достоинствен дом и татковина продолжува со вистинските и непоткупливи борци за правда, беше пораката упатена на народниот собир кој вечерва се одржа во Тетово, организиран од црвениот бран – Левица. Пред присутните својата програма ја презентираше претседателскиот кандидат, Билјана Ванковска.
Надворешната политика на претседателскиот кандидат Стевчо Јакимовски, кој денеска отвораше штаб во скопската населба Ѓорче Петров, ќе се базира на јакнење на позициите на Македонија во НАТО структурите, а ќе се залага и за економската дипломатија во земјите каде имаме силни трговски врски. Јакимовски е за спроведување на сите реформи потребни за влез во ЕУ, но е против внесување на Бугарите во македонскиот Устав.
Сакам да живеам во земја како, Шведска со скромни политичари, во правна држава во која сите се рамноправни, порача вечерва од митингот во Виница, кандидатката за претседател Гордана Силјановска. Доколку граѓаните ја изберат вети дека ќе се однесува достоинствено, на погрешните политики ќе се спротиставува со вето, а со обесправените, пензионерите, жените, лицата со посебни потреби ќе излезе и на протест.
Македонија може да продолжи напред со оваа политичка структура, бидејќи ние научивме како да ги заштитуваме националните интереси. Опозицијата нуди изолација, а тоа го видовме во годините кога беа на власт, истакна вечерва кандидатот за претседател на СДСМ, Стево Пендаровски на митингот во Охрид.
Претседателскиот кандидат на коалицијата ЗНАМ, Максим Димитревски со критики на адреса на ДУИ. Порача дека доаѓа од сличен град, кој е мултиетнички, но политика не смее да ги дели граѓаните и да се создава чувство на граѓани од втор ред. Вели, сведоци сме дека изминатите 20 години се случуваат големи неправди зад кои стои ДУИ.
Потребна е децентрализација на здравството во земјава, порача од Тетово претседателскиот кандидат од Коалицијата „Вреди“, Арбен Таравари, на средба со здравствени работници. Со овој предлог кој е дел од неговата програма, предвидено е формирање на клинички центри во повеќе градови, а со цел пациентите од внаттрешноста да не патуваат до Скопје по здавстевна услуга.