Вести Македонија

Комората на геодетски друштва во „војна“ со Катастар – ја обвинуваат Агенцијата за хајка против компаниите, во спрега со судовите

Состојбата е алармантна и половина од околу 140 геодетски компании во Македонија се пред пропаѓање. За ова предупредуваат од Комората на геодетски друштва.

Претседателот Никола Рибароски оценува дека тоа е резултат на лошите политики кои се водат во дејноста. Прстот за тоа го впери во Агенцијата за катастар на недвижности.

Се води хајка против компаниите и тоа во спрега и со судската власт, предупредуваат од Комората, без да прецизираат дали се сомневаат во мотивите за тоа.

„И ние сме во недоумица дали има лични причини затоа што некои работи навестуваат дека тој има лично и против претседателот и против Управниот одбор. Меѓутоа сега со оваа хајка која се води против приватните геодетски компании навистина не можеме да дадеме дециден одговор. Едноставно се тргна во хајка против целиот приватен сектор во оваа дејност. А, политиките се знае. Се спроведуваат со законски и подзаконски акти и исклучиво право за донесување на тие акти си ги има пропишано Агенцијата за катастар на недвижности“ изјави Никола Рибароски, претседател на Комората на трговски друштва за геодетески работи.

Ова следува по еден месец откако поскапеа дел од катастарските услуги и тоа тројно. Поскапени се и геодетските услуги.

Со измените, доколку сакате да купите имот или да го смените сопственикот, ќе платите поскап имотен лист. Па, наместо досегашните 1.250 денари новата цена ќе биде околу 4.000 денари.

Но, освен имотниот лист, поскапуваат и геодетските услуги за кои Владата на 30 јануари дала согласност, а тарифникот стапил на сила на 15 февруари.

Рибароски од Комората на геодетски друштва вели зголемените цени на геодетските услуги се оправдани и базирани на пресметки.

Од Комората не мислат дека е оправдано и поскапувањето на катастарските услуги.

„Се работеше со тарифник десет години стар и тие цени немаа никаква економска исплатливост за компаниите. И тоа сме подготвени во секое време да го образложиме. Меѓутоа гледате дека Агенцијата за катастар ниту еднаш не излезе да ги образложи нивните поскапувања – и тие пред две години, но и сегашните кои служеа за маска врз основа на ова поскапување на нашите услуги. Тарифникот на нашите услуги служеше како маска за поскапување на нивните услуги“ вели Рибароски, претседател на Комората.

Тогаш, од Агенцијата за катастар посочија дека поскапувањето се прави поради поголемите трошоци за струја, гориво, лиценци за софтвери и зголемување на платите.

Телма денес побара писмен став од оваа институција, како реакција на обвинувањата изнесени од страна на Комората на геодетски друштва.

Одговор не добивме.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Астра Зенека призна дека нејзината вакцина против Ковид-19 може да предизвика несакани ефекти

Дејан Дејан

Тошковски: Љупчо Палевски ќе биде екстрадиран најбрзо што може

Дејан Дејан

Земјотрес од 4,3 степени утрово во Србија

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе