Вести Македонија Најважни

Како Катица Јанева од Идризово и Стевче Јакимовски од градоначалничка фотелја во Карпош завршија на црната листа на САД

Додека Катица Јанева ноќе ја издржува затворската казна во Идризово, а дење работи во адвокатската канцеларија на својот син и додека Стевче Јакимовски од својата канцеларија во општина Карпош замина во ДИК да ја предаде кутијата со собрани 10.000 потписи за кандидатура за претседател, Стејт департментот изготви соопштение. Извести дека двајцата се ставени на црната листа на САД поради корупција и не се добредојдени во САД заедно со нивните најблиски семејства односно синовите и сопругот на Јанева. Делото на Јанева е поврзано со митото за кое таа веќе издржува затворска казна.

„Јанева беше вмешана во коруптивни дела, вклучително и користење на нејзиното политичко влијание и службена моќ за лична корист. Постојат веродостојни информации дека Јанева  побарала и примила поткуп за да влијае на обвинителството во нејзина надлежност“, изјави Метју Милер, портпарол на Стејт департмент.

Пред претседателските амбиции на Јакимовски сега се испречуваат американските сомнежи за корупција во градежниот бизнис на територија на Карпош.

„Јакимовски, како градоначалник на општина беше вмешан во коруптивни дејствија, вклучително и користење на својата службена положба за мешање и попречување во урбаното планирање и  развој и процесите на набавки во корист на себе и на неговите соработници“, истакна Милер на прес-конференцијата кога ја објави одлуката.

Јанева е во затвор и не можевме да ја бараме. На Јакимовски телефонот му беше постојано зафатен, но на крај најави прес конференција за реакција.

Во меѓувреме, со своја реакција се јави и американската амбасадорка Агелер која порача дека денешната одлука не треба да изненади никој.

„САД ќе продолжат да ги именуваат функционерите од било која партија, владино министерство или заедница кои се вмешани во значајна корупција. Народот на Северна Македонија заслужува правда и отчетност од институциите задолжени да ја запрат плимата на криминално однесување и да го уништат канцерот на корупцијата“, напиша Ангела Агелер, амбасадорка на САД, на социјалните мрежи. 

Во пакет со Јанева и Јакимовски на црната листа влезе и еден градоначалник на Косово, а Стејт Департментот упати порака дека назначувањата ја потврдуваат посветеноста на САД за поддршка на владеењето на правото и зајакнување на демократските институции на целиот Балкан. За девет месеци на црната листа завршија Рамиз Мерко, Орце Камчев, Ратка Камчева, Сергеј и Ирина Самсоненко, Кочо Анѓушев, Јакимовски и Јанева, пет фирми на Камчеви, а освен отворени постапки.

Нема посериозни резултати во истрагите на надлежните против овие лица и компании. Не е донесен ниту законот кој треба да спречи нивно учество во трошење на јавните финансии собрани од граѓаните. Нема ниту јасно правило дали сега Јакимовски ќе добие дозвола да се натпреварува за претседателската позиција на Водно, во соседство на резиденцијата на американскиот амбасадор.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ФОТО/ВИДЕО: Превртен автомобил на Партизанска во Скопје

Дејан Дејан

Кој со кого ќе коалицира и кои се црвените линии на албанските партии за учество во новата влада

Дејан Дејан

Ковачевски: Разговараме со партии на повеќе нивоа

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе