Две фирми кои се поврзуваат со поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков се на листата на најголеми должници која ја објави УЈП. Фирмите „Дивелоп груп“ и хотел „Гранд М“ се меѓу првите десет имиња на листата на најголеми должници за долгови доспеани до 30 септември лани и биле неплатени до крајот на 2023 година.
Дивелоп груп должи над 131 милиони денари или над 2,1 милиони евра. Хотел Гранд М во чија сопственост е хотелот Мериот околу 129 милиони денари или приближно 2,1 милиони евра. Двете фирми заедно должат 4 милиони и 243 илјади евра.
Истите имиња се најдоа повторно на новата последна листа. Најголем должник е Хант осој трејд со над 10 и пол милиони евра. Меѓу нив, на 8 место со сличен долг од над 2 милиони евра е и кумановската компанија Абира плус која до 2018-та била во сопственост на Трајче Заев, братучедот на поранешниот премиер Зоран Заев.
На листата од најголеми 10 должници друштво им прави и неактивната СГСМ Оил-Гас со странски сопственици, со околу 3,6 милиони евра и едно јавно претпријатие Комуналец од Гостивар.
На листата се објавени имиња на 1.801 правно лице и 3.606 физички лица. Вкупно објавениот нето долг изнесува речиси 160 милиони евра. Долгот за царински давачки е речиси 3 милиони и 300 илјади евра.
УЈП редовно ја објавува листа со должници по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, акцизи и царини.
Марија Митевска