Вести Македонија Топ вести

Премлада за виш обвинител, добра за во Хаг – Ленче Ристоска именувана за јавен обвинител за врски со Европравда

Премлада за вишото обвинителство, добра за во Хаг. Обвинителката Ленче Ристоска е назначена за прв македонски јавен обвинител за врски со Европравда. Останатите земји од регионот веќе имаат вакви обвинители.

Ристоска и во изминатите пет години, паралелно со обвинителската, ја извршуваше и работата за врски со Еуроџаст, Агенцијата на ЕУ за правосудна соработка во кривични прашања.

Министерот за правда Кренар Лога, на предлог на Јавното обвинителство, сега ја именуваше за јавен обвинител за врски со Европравда. Тоа значи дека веќе нема да биде обвинител во скопското обвинителство, туку се сели во Хаг. Не е прецизирано кога почнува.

Лога ѝ посака успешна работа со желба да се продолжи континуитетот на досегашната соработка со Европравда.

„Соработката со Европравда е од исклучително значење за Република Северна Македонија од аспект на борбата со прекуграничен криминал и борбата против тероризмот“, соопшти министерот.

Последната голема акција спроведена во координација со Европравда беше акцијата против измама со криптовалути од 2022 година, во рамките на која имаше претреси и во Македонија.

Ристоска е обвинителка во скопското обвинителство од 2013 до 2015, па до 2019 во Специјалното јавно обвинителство, по што повторно се враќа во скопското обвинителство. Од крајот на 2018 работеше и како обвинител за врски со Европравда.

Како специјална обвинителка во 2021 година извојува првостепена пресуда за случајот Таргет-Тврдина за нелегалното прислушување, со која поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков беше осуден на 12 години затвор. Пресудата во 2022 година падна на Апелација, а прислушувањето застаре по измените на Кривичниот законик од септември со кои се намалуваат казните за злоупотреба на службената положба. Таа ги оцени измените како навреда за секој професионалец.

Советот на јавни обвинители во 2021 година не ја унапреди Ристоска во Вишото обвинителство. Според дел од членовите на советот, била премлада, иако беа избрани и помлади обвинители од неа.

Таа подоцна обвини за трговија со влијание, а Советот бараше да одговара за јавно искажаните ставови.

„Сè додека членови на Советот на кандидатите што аплицираат за повисоки позиции отворено им кажуваат дека некој треба да се јави за кандидатот да биде избран, јасно е дека Советот е извор на тргување со влијание во обвинителството и затоа сметам дека треба да се реформира. Подоцна, изборот што Советот го прави, креира клиентелистички однос на јавните обвинители кон тие што лобираат за нивниот избор и сето ова неминовно води кон систем што не може да одговори во борбата со корупцијата и организираниот криминал“, рече Ристоска на 25 април 2023.

Неколку месеци подоцна, повторно не беше избрана во Вишото обвинителство, меѓу другото, и зашто била на породилно.

Комисијата за заштита од дискриминација утврди директна продолжена дискриминација по основ на лично својство и општествен статус против Ристоска и побара од поранешниот претседател, а сега член на Советот Антонио Јолевски да ѝ се извини.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Парламентарни избори 2024 – изборна хроника 05.05.2024

Дејан Дејан

Им дал 25.000 евра, но наместо торба полна со денари, му дале торба со ливчиња – скопјанец наседнал на измама од двајца странски државјани

Дејан Дејан

(Видео) Повредени 155 полицајци, уапсени 74 навивачи – хаос во Берлин на меч од четврта фудбалска лига

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе