Вести Македонија Најважни

„Виси“ претседателската фотелја во Алијанса – партиското собрание иницира смена на лидерот Таравари, кој одлучи да коалицира со опозицијата

Зијадин Села му возврати на Арбен Таравари. Конгрес за претседателска смена закажа Централното собрание на Алијанса за Албанците, откако Таравари реши да коалицира со тројката албански опозициски партии, на следните парламентарни избори.

Лидерот на партијата грубо го прекршил Статутот, со тоа што денес не дојде на закажаната седница. Ова го тврди претседателот на Централното собрание.

Седницата на партиското тело кое е сочинето од 133 членови денес се одржа во центарот на Скопје. Присуствуваа 108 делегати. Од нив, 106 кренаа рака „ЗА“, по однос на иницијативата за разрешување на Арбен Таравари. Еден беше воздржан, а еден против.

Дали Таравари ќе успее да ја задржи претседателската позиција во Алијанса, ќе биде познато на 18-ти февруари, за кога е закажан Конгресот на којшто ќе се побара негова одговорност.

„Чекавме да дојде претседателот на партијата, г-дин Таравари онаму каде што припаѓа и каде што му е местото, а тоа е во ова Централно собрание како највисок орган помеѓу два конгреси. Но, тој не дојде. На седницата беше предложена точка која гласеше: дебата во врска со последните збиднувања и Иницијатива за разрешување на претседателот на партијата, според членот 48 од Статутот на партијата“ истакна претседателот на Централното собрание на АА, Зијадин Села, по завршувањето на седницата.

Централното собрание на Алијанса беше закажано пред една недела. Претседателот на партијата Арбен Таравари на тоа одговори со закажување паралелен состанок со претставници на Централното собрание.

Превирањата во партијата започнаа со тоа што лидерот отворено ја истакна идејата за коалиција со „Европскиот сојуз за промени“ – во кој се здружени Алтернатива, БЕСА и Демократско движење. Тие не кријат дека целта им е да ја симнат од власт Демократската унија за интеграција.

Идејата не наиде на одобрување од страна на екс-лидерот Зијадин Села и неговите приврзаници. Крилото на Села денес на Собранието ја потврди одлуката за самостоен настап на следните парламентарни избори.

„Одлуките не се носат на митинзи на партија туку се носат во органите на партијата. За други работи нема потреба од потпис туку има потреба од глас и кревање рака. А, денот за глас и кревање рака беше денешниот ден“ додава екс-лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села.

Пред два дена во Куманово се состана крилото на Таравари.

Тогаш лидерот објави дека 75 членови на Централното собрание на партијата се потпишале на Декларација, со која му даваат поддршка да ја реализира коалицијата со опозицијата.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Пентагон: Руските трупи влегоа во американска база во Нигер

Дејан Дејан

Остин: Нема индиции дека Хамас планира напад врз американски војници во Појасот Газа

Дејан Дејан

Зеленски го пречека шефот на британската дипломатија Камерон во Киев

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе