Израелската војска потврди дека во пребарувањето на околината од болницата Ал Шифа пронашле две тела на израелски заложници. Станува збор за 65 годишна жена која била болна од рак, и второто тело е на 19-годишна девојка, припадник на израелската војска. Двете жени се дел од 240 киднапирани Израелци на 7 октомври.
Телото на Јехудит го лоцираше бригадата 7 на нашите сили, која ја скенира областа во близина на болницата Шифа. Телото го лоцирале во една од куќите каде покрај телото ги пронашле рацете што ги користеле терористите кои ја држеле Јехудит. Тоа е еден пример за операцијата што Израелската војска ја спроведува за лоцирање на заложниците. Јехудит беше убиена од терористите во појасот Газа. Не успеавме на време, изјави портпаролот на израелските одбранбени сили адмирал Даниел хагари.
Израелската војска ја продолжува потрагата во најголемата болница во Газа, Ал Шифа. Детално се проверува секој агол од установата за која тврдат дека под неа се наоѓаат километарските тунели, а во моментов поставен е инженерски тим кој треба допрва да ја истражува подземната мрежа на Хамас.
Израелските командоси влегле во Ал Шифа без пукање, тврди и премиерот Нетанјаху во интервју за СиБиЕс. Истакнува дека прават сѐ што можат да се минимизираат цивилните жртви, фрлаат летоци за предупредување, но Хамас прави сѐ за да ги задржи во болницата.
Влеговме во таа болница со арапски јазик, израелски лекари со инкубатори и немавме прекин на огнот, но Хамас ги користеше пациентите во таа болница како жив штит и на ниво, минус два, најдовме командно-контролен центар, воени комуникации, кодирана опрема. Најдовме бомби, најдовме оружје, а најдовме и тунели во болничкиот комплекс. Им кажавме да си заминат и многумина си заминаа, но Хамас се обиде да ги запре со пиштол и пукаше во безбедните коридори што ги обезбедивме за Палестинците. Не им е многу грижа за Палестинците. Тоа е она што се обидуваме да го направиме, минимални цивилни жртви, но за жал не сме успешни, рече нетанјаху.
Телекомуникациските врски во Газа сѐ уште се во прекин. Хуманитарната помош не може да допре до цивилите, затоа што од денеска нема повеќе гориво. ОН предупредија дека како наближува зимата, така и луѓето ќе се соочат со глад.
Во меѓувреме, се најавува проширување на воената операција и на југот од Газа, каде 1,5 милиони Палестинци веќе беа принудени да се преселат од северот. Тука условите за живот се тешки, камповите пренатрупани, а кои се насоките и каде да одат веќе раселените, не е јасно.
Израелската војска соопшти дека е прилично блиску до уништување на воениот систем во градот Газа. Ова значи дека се очекува жртвите на двете страни да се зголемуваат од ден на ден.
Алиса Шутиноска