Вести Најважни Свет

Израел ја продолжи рацијата во Ал Шифа

Израелската армија денеска ја продолжи рацијата во најголемата болница во Појасот Газа, објавувајќи дека внатре откриле команден центар на Хамас, како и голем број оружја и воени залихи. Според Израел тоа уште еднаш потврдува дека Хамас ги злоупотребува овие установи за своите терористички цели.

  • „Кога нашите војници го отвориле овој гардеробер, кој се наоѓа во главниот дел на клиниката, ова го пронајдоа. На овие оружја воопшто не им е местото во болница. Единствената причина зошто тие се овде е тоа што Хамас ги има ставено овде, бидејќи тие ги користат ваквите места, како болници, амбуланти и чувствителни капацитети внатре во Појасот Газа за своите нелегални воени цели“ – Џонатан Конрикус – портпарол на Израелските одбранбени сили.

Израелската армија исто така соопшти и дека ја бомбардирале куќата на Исмаил Ханијех, за кој се смета дека е врховниот лидер на Хамас. Тој веќе со години живее во Катар, но Израел тврди дека куќата биле употребувана за состаноци и други нелегални активности на Хамас.

Здравствените власти во Газа, кои се под контрола на Хамас, соопштија дека по израелската рација во болницата, биле приморани да преместат десетици предвремено родени бебиња затоа што повеќе нема струја за инкубаторите.

  • „Газа крвари, смрт, пустош, уништување насекаде. Никој не е поштеден. Ниту нашите деца, ниту нашите жени, ниту нашите постари. Ниту цивилите. Ништо не е поштедено. Ниту нашите болници, ниту камповите и училиштата на ООН, ниту нашиот водовод, ниту нашите домови. Сѐ она што требаше да биде заштитено стана примарна цел во оваа убиствена кампања“ – Ријад Мансур – Постојан претставник на Палестинците во ООН.

Американскиот претседател осврнувајќи се на израелската рација во Ал Шифа, изјави дека Израел има право да извршува вакви рации затоа што веќе се докажа дека Хамас ги злоупотребува палестинските цивили, капацитетите на ООН и болниците во Газа.

  • „Имате ситуација во која знаете дека има прилично голем број терористи на Хамас. Хамас веќе јавно изјавија дека планираат повторно да го нападнат Израел, како и претходно, од обезглавување бебиња до палење живи жени и деца. Затоа, помислата дека тие едноставно ќе запрат и нема да направат ништо е нереална. Ова не е „тепих бомбардирање“. Ова е различно. Тие се движат низ овие тунели, влегуваат во болниците“ – Џо Бајден – Претседател на САД.

Синоќа Советот за безбедност на ООН усвои резолуција со која побара итно воведување на продолжени хуманитарни паузи во борбите во Газа и отварање коридори ширум појасот за евакуација на цивили и достава на хуманитарна помош. Резолуцијата беше усвоена со 12 гласови за и ниту еден против, но САД, Обединетото Кралство и Русија гласаа воздржано.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Почина Александар Јовиќ – тажна вест на неколку часа пред првиот настап на Македонија на ракометното СП

Дејан Дејан

Ќе успее ли Жељасков да стане премиер – Радев денеска ќе му врачи мандат за формирање на влада

Дејан Дејан

Исклучена струја во шест региони во Украина – Русија претпладнево изведува масовни удари

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе