Вести Македонија Најважни

Од првично дијагностицирана жолтица, до сепса – таткото на починатото новороденче од Прилеп со сомнеж за лекарски пропусти за третманот на бебето

Родителите на бебето кое се роди во прилепската болница и почина на Клиниката за детски болести, и денеска изразија сомнеж за направени пропусти на лекарите при третманот на нивното новороденче. Таткото Славко Петровиќ, во порака што ја упати на Телма, се прашува како се случи од првично дијагностицирана жолтица, бебето да добие сепса. И како се случи наместо да биде отпуштено дома, како што ги уверувале лекарите во болницата во Прилеп, во тешка состојба тоа да биде испратено во Скопје каде почина.

„Мајката немаше никаква бактерија. Сите испитувања беа добри. Требаше да се породи со царски рез, но докторката сабајлето, кога е примена на 27 октомври, одлучи да ја породи по природен пат. Ние мислиме дека од болницата во Прилеп лажат. Како може дете кое требаше да биде отпуштено од болница да добие сепса?“,  напиша на Телма татко на починатото бебе Славко Петровиќ.  

Професор д-р Аспасија Софијанова од Клиниката за детски болести потврди дека бебето кај нив било примено во исклучително тешка состојба, со бактериска инфекција, и не ја исклучи можноста тоа да добило сепса од вагинална инфекција кај мајката, поради што требаше веднаш да биде ставено на антибиотска терапија.

„Ова е бактериемија. Само чекаме да видиме од што е предизвикана, затоа што бактериемија е рамна на сепса, што е исклучително загрозувачка состојба. Детето требало да се стави на антибиотска терапија веднаш, во првите 24 часа, за да се спречи брзото расевање на евентуален инфект, кое децата најчесто го аспирираат од мајката, односно од околуплодовата вода“, рече проф. д-р Аспасија Софијанова од Клиниката за детски болести во Утринска на Телма.

Министерот за здравство Меџити рече дека и за овој случај веќе побара вонреден инспекциски надзор од Државнито здравствен и санитарен инспекторат, но за случајот во двете здравствени установи ќе испрати и стручен надзор.

„Денеска, како министер, иницирав Државниот санитарен инспекторат да изврши надзор, а исто така таму да оди и стручна комисија. Од сега нема да има сомнеж за ниту еден случај. Се ќе решиме до крај како што треба“, изјави министерот за здравство Фамир Меџити. 

Директорката на Државниот здравствен и санитарен инспекторот, Рената Младеновска, за Телма потврди дека веќе издала налог за вонреден инспекциски надзор на Клиниката за детски болести во Скопје, а веќе во среда инспекторите треба да бидат и во Општата болница во Прилеп.

Прва за случајот проговори мајката на починатото новороденче која обвини за лекарска негрижа во болницата во Прилеп и на социјалните мрежи ја опиша целата голгота од породувањето до смртта на бебето кое имаше највисока оценка во родилиштето во Прилеп, а почина од сепса, десет дена по раѓањето, на Клиниката за детски болести.

Емилија Мисирлиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

САД: Хамас на маса има исклучително великодушна понуда од Израел

Дејан Дејан

Отстранувањето на експлозивните направи во Газа ќе трае 14 години, пресметале ООН

Дејан Дејан

Маж со мачета нападнал луѓе во североисточен Лондон

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе