Uncategorized Вести Најважни Свет

(Фотогалерија) Ден по масакрот на Врачар – Србија плаче по децата кои настрадаа во училиште

Белград и Србија вчера ги потресе незапамтена трагедија, не само во земјата, туку и во целиот регион и пошироко. Наместо со книги, тетратки и моливи, 13-годишно момче утрото го наполни ранецот со пиштоли и молотови коктели, влезе во училиште во Општина Врачар.

Крвавиот пир го почна во холот, по што по однапред подготвениот план продолжи во кабинетот по историја, каде првиот час го имаше токму неговото одделение. Лиши од живот осум ученици и вработен како обезбедување во објектот, повреди десетина други деца, пред и самиот да го пријави делото во полиција која, пак, набрзо го лиши од слобода.

Набрзо по веста за трагичниот настан, локацијата беше „окупирана“ од бројни екипи на итната медицинска помош, полициски службеници, новинарски екипи, родители и роднини на децата кои посетуваат настава во „Владислав Рибникар“. Информациите почнаа да се движат како на филмска лента. Неколку часа по приведување на малолетникот, беше уапсен и неговиот татко на кого му беше одредена мерка за задржување до 48 часа под сомнение за сторено кривично дело „Тешки дела против општата безбедност“.

Јавноста внимателно ги впиваше информациите за крвавиот настан што ги сервираа медиумите кои во прво време беа неофицијални и како одминуваше времето, дел по дел добиваа потврда. Вонредната прес-конференција во Владата по 13 часот ги откри и првите официјални и шокантни детали. Ученикот подолго време го подготвувал делото, за што имал составено и список за ликвидација, со скица на објектот, распоред на училници и одделенија во кои требал да влезе. Оружјето го земал од дома. Било во сопственост на неговиот татко, молотовите коктели веројатно ги направил сам, бидејќи во денешно време се е достапно на интернет.

Видно вознемирен на прес-конференцијата беше првиот човек на белградската полиција, Веселин Милиќ. Министерката за здравство, Даница Грујичиќ, пак, не издржа под напливот на емоции и солзи и со треперлив глас ги соопшти деталите од нејзиниот ресор. Во меѓувреме, голем број на деца веќе беа во прегратки на своите најмили.

Попладнето се јави и Вишото јавно обвинителство на Белград. Од таму соопштија дека, според законот за малолетни сторители на кривични дела и кривично-правна заштита на малолетни лица, ученикот-убиец не е кривично одговорен, бидејќи нема наполнето 14 години. Адвокатот Иван Чудомировиќ истакна дека 13-годишното момче ќе биде пратено во специјална установа за лечење и оспособување кое може да трае додека биде потребно, доколку вештаци утврдат дека има некое психичко пореметување.

Околу 17 часот почнаа да се собираат луѓе во близина на трагичниот настан. Положуваа цвеќиња и палеа свеќи за простување од деветте жртви, но и со желби за брзо и успешно закрепнување на повредените кои беа згрижени во неколку здравствени установи во Белград.

Доцна попладнето се јави и српскиот претседател Александар Вучиќ. Рече дека трагедијата ја обединила Србија како никогаш досега и предложи да се воведе мораториум во наредните две години за издавање на дозволи за поседување и носење на оружје, но и да се направи ревизија за сите издадени дозволи досега. Најави и контрола на сите стрелишта во Србија и дали малолетниците имаат пристап до нив.

Еден од неговите предлози се однесува и на пропишување на кривична одговорност за сите кои ќе овозможат малолетници да дојдат во контакт со огнено оружје, како и намалување на возрасната граница за кривично-правна одговорност за вакви настани од 14 на 12 години.

Сашко Димовски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Протести во Грузија : Полицијата употреби шок бомби и солзавец

Дејан Дејан

Земјотрес од 4,1 степени во Лос Анџелес

Дејан Дејан

Почина таткото на Тоше Проески – Никола

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе