Обвинетиот Ангелчо Николов е осуден на 18 години затвор за тешката сообраќајна несреќа во која ја прегази 11-годишната Магдалена Иванова која што загина на лице место на пешачки премин во Велес.
Николов по несреќата избегал без да укаже помош на повреденото девојче и нејзината мајка која се здобила со тешки телесни повреди. При изрекувањето на пресудата, судијката Габриела Гајдова наведе дека отежителна околност е и тоа што загинатото девојче било дете единец. Николов ја призна вината на првото рочиште на судскиот процес, а беше обвинет за две дела, за Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот и за неукажување на помош на лице повредено во сообраќајна несреќа. Судот му изрече единствена затворска казна од 18 години. Сообраќајната несреќа се случи на 17-ти декември, а возачот Николов избега од местото на несреќата со возилото во кое имало и неколку сопатници. Возел повеќе од двојно побрзо од дозволеното, а претходно бил во повеќе угостителски објекти. Два дена подоцна возачот се пријави сам и оттогаш е во притвор. Утврдено е дека двапати имал тешки и сериозни сообраќајни прекршоци поради што му била и одземена возачката дозвола.
