Вести Македонија Најважни

Јас дриблам, се фали Груби за спортските игри во неговиот кабинет – тој гледа хистерија во реакциите на јавноста, експертите, пак, несериозност

По малиот фудбал со министрите во скапиот кабинет платен од граѓаните, Груби гледа хистерија, експертите гледаат несериозност на потребите на граѓаните.

-Јас дриблам, одговори Груби на прашањето дали како највисок бил кошаркарски центар на натпреварот во неговиот кабинет и се насмеа со останатите во прес центарот на владата.

Широка и гласна насмевка наспроти критиките на јавноста во која првиот вицепремиер Артан Груби гледа хистерија оти го критикуваат спортскиот перформанс на министерскиот тим на ДУИ во прескапо, од граѓаните, платениот кабинет во Министерството за политички систем.

Вели јас сум спортски тип, а наскоро и Агенцијата за млади и спорт (АМС) ќе потпадне во ресорот за политички систем. Според него, хистерична е реакцијата на јавноста, затоа што тој на мали голчиња и на кош закачен до уметничка слика стрелал и заедно со амбасадори.

-Многу ми е интересно што нема амбасадор кој има дојдено во мојата канцеларија, а нема шутирано. Пред некој ден беше Словакот и шутираше и сите портали го објавија тоа. Тоа не беше скандал, а ова денеска е скандал. Ова е таа хистерија за која што зборувам, за двојните стандарди, за селективни правди, за измислување на теми. Само да се дефокусира од нешто. Дојде градоначалникот на Тирана, дури со пета даде гол, рече првиот вицепремиер Артан Груби.

„Јас немам спортски реквизити во кабинетот“, објасни премиерот Ковачевски, според кого секој министер треба слободно да си го уредува просторот.

-Имам колеги премиери кои имаат кошеви во канцеларија. Јас например немам. И никогаш не сум имал. Меѓутоа секој може да избере реквизит кој може да го искористи во својата канцеларија. На минута, две, три или 5. Така да тоа е лично прашање за секој како ќе го организира просторот во својата канцеларија, одговори премиерот Димитар Ковачевски.

Експертите за протокол потврдуваат дека и дома, но и во странство, политичарите покажуваат лежерност, па играат пикадо во својата канцеларија или се среќаваат со деца. Но, јавноста си го кажа своето за ова што го сподели Груби без разлика каква порака планирал да испрати.

-Меѓутоа ова беше малку префорсирано. Фактот што народот веднаш реагираше значи дека пораката е погрешна. Она што можев да го видам, станува збор за исклучително скап кабинет, скап паркет, скап мебел, а сето тоа е платено од парите на граѓаните. Мислам дека малку беше невкусно, тука да гледаме топки, голчиња, забивање на баскет на кош итн. Така што сметам не е хистерија туку ако политичарите од ДУИ или од било која партија имаат потреба за опуштање или треба да побараат посебен објект за тоа или енергијата да ја трошат за нешто што е полезно. Вака како што е пласирано, мислам дека им беше непотребен луксуз, изјави за Телма Лукреција Маљковиќ Атанасовска од Академијата за протокол.

Инаку во зградата во која сега е министерството за политички систем требаше да се всели и антикорупциската комисија, ама владата предводена од Заев со неколку имотно-правни перипетии ја префрли на новоформираното Министерство.

Зградата ја започна Груевски и владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и тогаш беше наменета за ПУИГ, државното претпријатие за станбен и деловен простор.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Невремето во Штип предизвика штета и во Клиничката болница – зафатени одделенијата за Ортопедија и Интензивно лекување

Igor Trajkov

Минувач ѝ помогнал на тешко повредена скопјанка врз која паднало дрво – барајќи ѝ ја чантата, нашол бомба

Sasko Dimovski

Девет повредени лица во невремето во Скопје, од кои две потешко, се примени во клиниката за ТОАРИЛУЦ

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе