Вести Македонија Најважни

Каде и како затаи системот – ќе се испитува случајот со смртта на деветмесечното бебе со туберкулоза

Таткото и трите деца инфицирани со туберкулоза денес доброволно се вратиле во болница, за да се утврди дали се само носители на заразата или пак заболени. Од Козле за Телма потврдија дека тие повторно ќе бидат хоспитализирани, за да се продолжи со тестирањето и анализите.

Претходно поминаа две вечери во болнички кревет, а викендов на своја одговорност и со потпис од таткото излегоа од болница.

Најмладиот член на ова кумановско семејство со потврдена туберкулоза викендов почина на Детската клиника.

Од Труд и социјала денес го повторија тоа што првично го кажаа од кумановскиот Центар за социјална работа, дека увидот на терен не открил знаци на занемарување.

„Тоа што е утврдено од увидот на лице место кај семејството е дека тие живеат во добри услови, хигиената е на завидно ниво, не се корисници на ниту едно право од социјална и детска заштита. Таткото е грижлив татко, мајката е грижлива мајка – ова е во рамките на нашите надлежности“ изјави Јована Тренчевска, министер за труд и социјална политика.

Има повеќе дилеми во моментов, а едната од нив ја отворија здравствените лица кои први виделе во каква состојба е донесено бебето.

Како може деветмесечно бебе да тежи 3 килограми и други нејаснотии кои фрлаат сенка на случајот – треба да ги разјаснат надлежните од Здравство, вели Тренчевска.

„Од Здравствен дом – Куманово и службата за имунизација информираат дека детето во добра општа состојба ја примило вакцината на 20.10.2022 година. При прегледот, воопшто не бил даден податок дека мајката е болна, ниту во евиденцијата имало таков податок. Според податоците, детето е родено во 35-та  гестациска недела со тежина 1 кг и 740 грама, додека на прегледот имало 3.300 грама“ се вели во одговорот од Министерството за здравство.

Сега случајот ќе го испитува и Народниот правобранител од каде што е отворен предмет по сопствена иницијатива.

Ќе се проверуваат деталите – почнувајќи од грижата и негата за бебето, па сѐ до делувањето на социјалните служби, но и на здравствените институции.

„Институцијата Народен правобранител и понатаму ќе продолжи со постапката, ќе ги чекаме одговорите од надлежните здравствени установи, но секако ќе го вклучиме и надлежниот Државен санитарен и здравствен инспекторат и Министерството за здравство, имајќи предвид дека оценуваме дека е потребно да се испита моментот од породувањето на мајката, килажата на детето, примањето на вакцината при толку мала килажа за да се утврди дали патронажните служби навремено ги преземале сите мерки. Жално е во 21 век кога има лек и вакцина за да се превенира таква болест, да дозволиме да нѝ почине бебе“ кажа Васка Бајрамовска – Мустафа, државен советник на Народниот правобранител.

Деветмесечното бебе викендов почина на Детската клиника, откако повеќе денови не реагирало на терапијата. Потврдена дијагноза има и мајката која сега е хоспитализирана на Институтот за белодробни заболувања.

Семејството од кумановско Банево Трло веќе подолго време се соочува со стигматизација и дискриминација, сведочеше таткото за Телма претходно.

Инаку, речиси сите во државата се вакцинирани против туберкулозата, но болеста се јавува повремено. Минатата година имало двајца пациенти на Детската клиника, кои биле препратени во Козле и успешно излекувани.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Огромна потреба од угостителски работници:Се нуди и парична награда од 300 евра за оној кои што ќе предложи некого за вработување

Дејан Дејан

Русија ќе произведува лимузини за Путин во старата фабрика на Тојота

Дејан Дејан

Додека ги служело здравје оделе на гласачки места, сега гласаат во домашни услови – за 76-годишната Слободанка и 81-годишната Митра гласањето останува свечен чин

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе