Од утринава нема достава на евтиниот бел леб во маркетите. Ова за Телма го потврдија и дело од поголемите пекари во Скопје.
Според најавите во текот на денот се очекува и пресконференција од производителите. Одлуката за замрзнување на цената и укинување на субвенционираната струја од вчера влезе и во службен весник, а граѓаните утринава не успеале да го купат овој леб кој најголем дел од населението го консумира. Сметаат дека во најскоро време тој треба да биде вратен на рафтовите.
Владата вчера ги оствари најавите, ја замрзна цената на белиот леб на 33 денари до 31 мај, а ја укина и субвенционираната струја која компаниите ја добиваа изминатите три месеци.
Мерката нема да важи од први април, а ваквата одлука следува откако анализите на надлежните покажале дека компаниите кои ја користеа поволноста со евтина струја, најголем дел од нив односно 70 отсто не ги намалиле цените.
Властите најавија во следните денови засилени контроли на пазарниот инспекторат.
Инспекторите на пазарен инспекторат од утринава се на терен за да проверат дали се почитува одлуката на владата која од синоќа е на сила. Но од таму тврдат дека за одлуката на производителите да не испорачуваат леб поради замрзнатата цена тие не се предмет на надзор.
