Вести Македонија Најважни

Случајот со осуммесечното бебе обвиткан во мистерија – Билал се бори за живот на Детската клиника

Непроменета и критична е состојбата на осуммесечното бебе со дијагностицирана туберкулоза. Такви се информациите кои доаѓаат од Детската клиника, а другите детали за овој случај сѐ уште се обвиткани во мистерија.

Зошто било запоставено, дехидрирано и неухрането и како се заразило со туберкулоза – останува нејасно и за надлежните. Од Министерството за труд и социјала денес ќе ги разгледуваат официјалните документи и сѐ она што претходело на приемот на бебето во кумановската болница во петокот.

Педијатарот кој прв го примил на преглед, за Телма споделува дел од деталите.

„Најсериозно беше тоа што бебето имаше отежнато дишење, беше кислородно зависно и неухрането. Осуммесечно доенче да тежи само 3 килограми – сигурно тоа бебе не било прегледано од лекар досега. Анамнестичките податоци од родителите не беа многу јасни – еднаш рекоа дека имаат само две деца, па потоа дека имаат пет деца и на крај дека имаат четири деца. Не беа многу јасни“, вели д-р Аргон Сулејмани, специјалист-педијатар во Општата болница во Куманово.

Што открива овој случај, ќе треба официјално да кажат институциите. Од кумановската болница велат дека бил повикан социјален работник, а задача на надлежните ќе биде и да откријат од каде потекнува инфекцијата со туберкулоза – дали најпрво некој свесно го запоставил детето, а сега претставува и закана за околината.

„Ќе треба да се најде гнездото на оваа инфекција и да има испитување и на другите членови на семејството. Кај нас вчера дојде социјалниот работник. На тој начин ние разбравме дека ова не е социјален случај и дека таткото бил вработен. Но, зошто бебето не било однесено на лекар и зошто е толку неухрането – тоа е под знак прашаник и ова прашање ќе треба и понатаму да се разјаснува како случај“, рече д-р Сулејмани.

Вчера, од Клиниката за детски болести смирија дека нема потреба од паника за зараза со туберколоза во болницата, затоа што бебето е изолирано и за него се грижи посебен медицински персонал.

Во меѓувреме, мајката од вчера е хоспитализирана во Институтот за белодробни заболувања, а нејзините три малолетни деца се испратени во Детската болница Козле, на испитувања за можна туберкулоза.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Невремето во Штип предизвика штета и во Клиничката болница – зафатени одделенијата за Ортопедија и Интензивно лекување

Igor Trajkov

Минувач ѝ помогнал на тешко повредена скопјанка врз која паднало дрво – барајќи ѝ ја чантата, нашол бомба

Sasko Dimovski

Девет повредени лица во невремето во Скопје, од кои две потешко, се примени во клиниката за ТОАРИЛУЦ

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе