Вести Македонија Најважни

Се продава ли дел од хотелот „Мериот“? (КОРЕГИРАНО)

Направен е обид за купување на дел од хотелот „Мериот“, сопственост на „Дивелоп Груп“, во кој удел имаат фирмата „Бест Веј“ на синот на Сашо Мијалков и на Александар Ивановски-Алек Теранова.

(исправка направена на 25.01.2023.: во првичната објава беше наведено дека станува збор за продажба на хотелот Мериот) 

Според информации на Телма, станува збор за уплатени 12 милиони евра преку банкарска сметка.

Но, средствата биле замрзнати веднаш откако биле уплатени од фирма со казино во Гевгелија, а која се занимава со казина и игри на среќа.

Но, според информации на Телма, истрагата за овој предмет е заглавена, бидејќи истражителите не може да стигнат до банкарски документи поврзани со обидот за продажба на „Мериот“ и со хипотеката дадена за хотелот преку фирмата „Дивелоп груп“.  Од Управата за финансиско разузнавање не споделуваат детали, а одговорија само на дел од прашањата поврзани со нивните надлежности за надзор врз работење на банките.

„Врз основа на тоа, Управата во рамки на своите надлежности во субјектот, Комерцијална Банка АД Скопје има започнато вршење на вонреден надзор во поглед на поставеноста на системот на банката за спречување перење пари и финансирање на тероризам и колку истиот е во согласност со барањата коишто се пропишуваат со законот. Напоменуваме дека надзорите коишто ги спроведува Управата се во согласност со годишната програма за вршење на надзор како и во рамки на координација со останатите надлежни органи и органи коишто имаат супервизорски овластувања и преставуваат тековни активност на институцијата“, гласи одговорот на Управа за финансиско разузнавање.

Од Комерцијална банка ни одговорија дека одговорите кои ги побара Телма претставуваат деловна тајна и, освен податоците кои се достапни во јавните книги и регистри, не може да бидат јавно објавени.

Според податоците во Централниот регистар, хипотеката врз имотот на „Дивелоп“ и хотелот „Мериот“ е издадена од четири банки – Комерцијална, Стопанска, НЛБ и пропаднатата Еуростандард. Комерцијална и другите банки даваат кредит од 25,45 милиони евра во 2011-та година пред да почне изградбата на хотелот „Мериот“. Фирмата „Дивелоп груп“, која е номинален сопственик на хотелот „Мериот“ беше опфатена со замрзнување на имот во предметот „Империја“, по спогодбата на Сашо Мијалков со обвинителството.

(исправка направена на 25.01.2023.: во првичната објава беше наведено дека станува збор за конфискација на имотот. Забраната за располагање со имот е укината со спогодбата на Мијалков со обвинителството за предметот Империја)

Една третина од сопственоста на „Дивелоп“ е во рацете на „Бест Веј“, фирма на Јордан Мијалков, син на екс директорот на УБК. Две третини се во сопственост на Александар Ивановски познат и како Алек Теранова. Со спогодбата меѓу Мијалков и обвинителството, целиот имот на „Дивелоп“ беше замрзнат лани во април. Во октомври Централниот регистар впишува дека се ослободени уделите во Дивелоп (чиј хотел е Мериот) и во сопственост на Ивановски и во сопственост на Мијалкови.

(исправка направена на 25.01.2023.: во првичната објава беше наведено „Во октомври е ослободен уделот кој е во сопственост на Ивановски, а уделот на Мијалкови во хотелот „Мериот“ и „Дивелоп“ со пресудата за „Империја“ се конфискувани од државата.“)

Во меѓувреме во декември лани, гевгелиската фирма која поседува казино, со 12 милиони евра се обидува да влезе како сопственик на „Дивелоп“ и на дел од хотелот „Мериот“, односно казиното.

(исправка направена на 25.01.2023.: во првичната објава беше наведено дека станува збор за продажба на хотелот Мериот) 

Но, средствата во согласност со законските одредби за спречување на перење пари се замрзнати и отворена е истрага. По информациите дека истражителите имале проблем во банка која не ги давала документите потребни за истрагата, Телма упати прашања до надлежните институции.

(исправка направена на 25.01.2023.: во првичната објава не беше наведено „во согласност со законските одредби за спречување на перење пари“)

Инаку, Мијалков во декември 2021 година излезе од притвор со 11 милиони евра гаранција одобрена од Апелациониот суд. Второстепениот суд ја уважи жалбата на поранешниот директор на УБК и ја прифати гаранцијата која беше поткрепена со банкарска хипотека врз имот опфатен со истрагата „Империја“.

Во тоа време апелациони судии кои одлучуваат за притворот на Мијалков се Ѓоко Ристов и Енвер Беџети. И двајцата беа дел од петчлениот совет кој лани во декември ја укина пресудата против Мијалков во предметот „Тврдина Таргет“. Беџети беше судија известител, а Ристов член на советот. Судскиот совет со вонредна контрола утврди дека судиите во скопска Апелација девет месеци го чувале предметот „Тврдина Таргет“ во фиока.

Р.Т.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани соджини

Пјонгјанг продолжува да ги тестира севернокорејските воени капацитети

Дејан Дејан

Ќе се зголемува европскиот фонд за одбрана

Дејан Дејан

Инцидент во рудник во Русија, 13 луѓе се заробени под урнатини

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе