Полска вечерва одлучи да ја подигне борбената готовност на своите воени единици. Одлуката доаѓа по итниот состанок на Советот за национална безбедност што го свика премиерот Матеуш Моравјецки, откако две ракети паднаа во село во источниот дел на земјата, во близина на границата со Украина, пришто загинаа две лица.
„Дојде до експлозии во источна Полска“, изјави портпаролот на полската влада, Пјотр Милер и додаде дека стручњаци работат на разјаснување на настанот и на прибирање на докази за, како што ја нарече, „сериозната ситуација“.
Притоа тој нагласи дека официјална Варшава во моментот врши проверки дали треба да го активира членот 4 на НАТО. Посочениот член вели – „страните заеднички ќе се консултираат било како, по мислење на било која од нив, бидат загрозени територијалниот интегритет, политичката независност или безбедност на било која од нив“.
Премиерот Моравјецки го свика националниот Совет за безбедност кој го сочинуваат министерствата за одбрана, за внатрешни работи, за правда, за надворешни работи, како и координаторот на разузнувачките служби.
Извор од кабинетот на полскиот премиер претходно за „Би-Би-Си“ рече дека моментно владее информациски хаос за причините за падот на двете ракети, за нивното потекло и кој ги истрелал.
