Вести Свет

Чарлс Трети, новиот британски крал, влезе во Бакингамската палата

Кралското знаме на Обединетото Кралство повторно се вее над Бакингамската палата, откако Чарлс Трети влезе за прв пат во оваа зграда како Британски монарх.

Кралското знаме над палатите на британската монархија се вее кога кралот или кралицата престојува во еден од овие објекти и никогаш не е поставено на половина копје, дури и сега по смртта на Кралицата, затоа што секогаш мора да има владетел на тронот.

Претходно, во текот на денот, пред новиот крал да дојде во Бакингамската палата, на јарболот беше поставено британското знаме на половина копје.

Пристигнувањето на Чарлс Трети пред Бакингамската палата , топло го поздравија повеќе стотици граѓани, скандирајќи го традиоционалниот поздрав „Господ да го чува кралот“. Тој им возврати на луѓето, ракувајќи се и разменувајќи неколку куртоазни реченици со голем дел од нив.

Ова можеби е навестување и за тоа каков стил на владеење ќе практикува Чарлс, иако зборот владеење е претежок во овој контекст, затоа што сета суштинска власт во Велика Британија, како уставна монархија, е во рацете на премиерот на државата.

Најстариот син на Елизабета Втора, 73-годишниот Чарлс, вечерва ќе и се обрати на нацијата, по средбата на новиот премиер на државата, Лиз Трас, која го доби мандатот од кралицата пред три дена, во нејзиното последно појавување во јавноста.

„Денеска, круната преминува, како што се прави повеќе од 1.000 години, на нашиот нов монарх, Неговото Височество, Кралот Чарлс Трети. Заедно со семејството на Кралот и ние тагуваме за загубата на неговата мајка. И додека тагуваме мораме да се обединиме како народ и да го поддржиме, да му помогнеме да ја понесе оваа огромна одговорност, која сега ја носи за сите нас.“ – изјави британската премиерка Трас.

Наследувањето на круната и прогласувањето нов крал, носи промени и во титулите на членовите на кралското семејство. Наследник на Чарлс сега е неговиот син Вилијам, кој исто така ја презема титулата Војвода од Корнвол, а подоцна од страна на кралот ќе му биде доделена и титулата Принц од Велс, која ја носи наследникот на круната. Титули принцови, доколку сакаат може да добијат и децата на принцот Хари и американската актерка Меган Маркл.

Чарлс со британската круна ја наследува функцијата шеф на Комонвелтот, асоцијација на 56 независни земји кои произлегоа од Британската империја а чиј број на жители сочинуваат речиси една третина од светската популација. Чарлс исто така станува шеф на државата на дури 14 земји членки на Комовелтот, меѓу кои и на Канада, Австралија и Нов Зеланд.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Уште една странска компанија заминува од земјава – германски БМЗ го затвора погонот, го сели производството во Полска

Kristina Kuzmanovski

Комисијата за заштита на конкуренцијата ограничувала конкуренција при набавки, утврди ДЗР

Kristina Kuzmanovski

Тетовчанка пријавена за физички напад и закани кон свекрва

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе