Воените дејствија околу нуклеарната централа Запорожје продолжуваат, а поради оштетувања од денешните гранатирања повторно е исклучена од електродистрибутивната мрежа.
Според информациите на проруските власти во Енергодар таа во моментов произведува електрична енергија само за да ги задоволи сопствените потреби.
Руската администрација во регионот соопшти дека при денешните гранатирања била погодена област меѓу два реактори. Загриженоста од евентуална нуклеарна криза расте изминатиот период откако централата во многу наврати до сега се најде на линијата на огнот.
Во Запорожје е и тим на мисијата на Меѓународната агенција за атомска енергија за да изврши проценка за фактичката безбедносна состојба на централата, но и да проверува дали има радиоактивно протекување.
Денеска и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се понуди да посредува во решавањето на кризата со најголемата нуклеарна централа во Украина но и во Европа.
Стравот е присутен и кај локалното население. Жителите на Зорја, мало село, на 20 километри од централата велат дека не се плашат од експлозиите кои секојдневно ги слушаат туку велат стравуваат од ризикот од протекување на радијација.
