Државниот завод за ревизија изрази мислење со резерва за финансиските извештаи и усогласеноста со законската регулатива на Комисијата за заштита на конкуренцијата за 2024 година.
Во конечниот извештај се наведува дека се утврдени слабости во материјалната и сметководствената евиденција, како и пропусти во постапките за јавни набавки и управувањето со имотот.
Ревизорите констатирале дека пописните листи не содржеле вредносни показатели, материјалната и сметководствената евиденција не биле усогласени, а Комисијата не го осигурала имотот со кој располага.
Дополнително, било утврдено дека не постоела единствена евиденција за предметите по кои се изречени глоби, што може да влијае врз нивната навремена наплата.
Во извештајот се посочуваат и слабости во две постапки за јавни набавки, каде техничките спецификации упатувале на конкретни производи, а критериумите за избор не биле доволно прецизно дефинирани.

