Министерот за здравство Сашо Клековски информираше дека годинава во земјава се регистрирани четири случаи на маларија, три случаи на денга, еден случај на зика и осум случаи на западнонилска треска.
Најголем дел од случаите на маларија, денга и зика се поврзани со патувања во Африка и регионот на Индискиот Океан, особено на Малдиви и Занзибар.
Според министерот, осумте случаи на западнонилска треска вклучуваат еден увезен случај поврзан со патување во Грција, додека останатите најверојатно се локално стекнати.
Најголем дел од заболените се лица на возраст меѓу 60 и 70 години, а во погодените подрачја е спроведена дополнителна дезинсекција согласно епидемиолошките протоколи.
Министерството за здравство апелира до граѓаните кои патуваат во ризични подрачја да ги следат препораките за вакцинација и превентивна заштита, а до сите граѓани да користат средства против комарци и да избегнуваат престој во близина на застоени води, бидејќи сите овие заболувања се пренесуваат преку убод од комарец.
