Инспекторите од меѓународната агенција за атомска енергија пристигнаа денеска во нуклеарната централа Запорожје во југоисточна Украина.
Според известувањата на репортерите во централата, тимот од Обединетите Нации пристигнал во централата во голем конвој возила, придружени со повеќе руски воени сили.
Претходно, генералниот директор на агенцијата, кој лично ја предводи опасната мисија, потврди дека тие ќе се упатат кон централа и покрај информациите за нови гранатирање и сериозните безбедносни ризици.
Земајќи предвид се што е „за“ и „против“ и бидејќи дојдовме до тука, нема да запреме. Тргнуваме. Знаеме дека постои област, како што знете, таканаречената сива зона, каде е последната линија на Украинската одбрана и пред да почне првата линија на руските окупациони сили, каде ризикот е голем. Истовремено, сметаме дека ги има минималните услови за движење, прифаќајќи дека ризикот сепак е многу, многу голем. Сепак, јас и тимот веруваме дека може да продолжиме со ова. Имаме значајна мисија да оствариме, информира Рафаел Гроси, генерален директор на меѓународната агенција за атомска енергија и лидер на мисијата.
Околу нуклеарната централа Запорожје, најголемата во Европа, минатите недели имаше гранатирање , при што двете страни меѓусебно си ја префрлаа одговорноста. Русија тврди дека Украинците се тие кои го напаѓаат комплексот, прашувајќи зошто тие би ја напаѓале централата која и онака е под нивна контрола, додека Украинците тврдат дека руските окупатори го спроведуваат гранатирањето, зголемувајќи го ризикот од нуклеарна катастрофа која би имала последици во цела Европа.
Иако градот Запорожје се уште е под контрола на Украинските сили, нуклеарната централа е сместена во близина на градот Енергодар, кој уште од почетокот на офанзивата во Украина е окупиран и под контрола на руските сили.
Иако руските војници ја контролираат околината на нуклеарната централа, нејзината работа и натаму ја обезбедува украинскиот технички персонал, кој не е сменет во минатите 6 месеци. Една од задачите на инспекторите од меѓународната агенција за атомска енергија е да утврдат во каква физичка и ментална здравствена состојба се работниците, кои ја вршат својата работа во атмосфера на исклучителен стрес со месеци. Иако фактот дека централата е под окупација на руските сили, најверојатно нема да го охрабри слободното изјаснување на Украинскиот персонал, инспекторите ќе мора да се обидат да читаат меѓу редовите и да утврдат дали и каква помош им е неопходна.
Инспекторите исто така ќе се обидат да утврдат дали опремата е исправна и функционира како што треба. Нуклеарната централа во Запорожје има 6 реактори. Проценките се дека тие се добро заштите и со многу подобар безбедносен дизајн од реакторот кој експлодираше 1986-тата година во Чернобил. Проблемот е дека им е потребна постојано снабдување со електрична енергија за разладување а доколку дојде до подолготраен прекин, постои ризик од истекување на радијацијата.
Никола Илиевски
