Вести Македонија

Сè уште нема притвор за пиштолџиите кај „Мавровка“ – осуммина осомничени за нередите пред Собранието

Безброј камења и предмети летнаа во воздух кон толпата демонстранти, во само неколку минути.

Тројца полицајци се бркаа со дел од групата која чекаше во заседа, а останатите не престанаа со провокации.

Ова траеше неколку минути, пред да се слушнат неколку истрели во воздух.

Размената на камења, предмети, лименки, па дури и столици продолжи, а повиците на дел од демонстрантите до полицијата – да реагираат и да апсат, потрајаа пред пиштолџиите да бидат приведени.

Сето ова се случуваше кај плоштадот „Скендербег“, а групата која се обиде да ја разбесни толпата протестирачи се појави од внатрешниот дел на старата скопска чаршија.

На оваа критична точка од рутата немаше зголемено полициско обезбедување.

Двајца од полицајците кои се гледаат на видеото, тука се здобија со скршеници.

Од Бирото за јавна безбедност само кратко и без многу детали велат – протестот не бил формално пријавен и рутата за надлежните не била позната.

„Ние немавме најавена рута од страна на протестантите. Тие не соработуваат со полицијата. Ние денес ќе се обидеме да стапиме во контакт со организаторите на протестите и да разговараме во тој дел, дали тие самите ќе ја променат трасата за да не се предизвикаат повторно слични настани. Ако тие не сакаат да ја променат таа траса, тогаш ќе направиме нова безбедносна проценка“ изјави Сашо Тасевски, директор на Бирото за јавна безбедност.

Во меѓувреме, осум полнолетни лица кои учествуваа во нередите пред Собранието завчера, на петти јули, се осомничени дека сториле кривично дело „Учество во толпа“.

Заеднички дејствувале и започнале да ја влечат заштитната метална ограда поставена од МВР, за потоа со тврди предмети, пиротехника и молотови коктели да центрираат кон зградата на Собранието.

„Од осумтемина осомничени, шест се на возраст меѓу 18 и 22 години, еден е на возраст од 30 и еден на возраст од 36 години. За настанот се пријавени и три малолетни лица, за кои постапката ќе се води согласно Законот за правда за децата. Надлежниот јавен обвинител оцени дека постои опасност осомничените да се дадат во бегство или да го повторат делото, па до судијата на претходна постапка достави предлози за определување притворска мерка за осомничените“ се вели во соопштението од Јавното обвинителство.

Еден од нив веќе е во притворско одделение, а седум во домашен притвор.

Одлука за притвор ќе се очекува и за пиштолџиите на „Скендербег“, како одговор на истрелите кои ја вознемирија и разгневија групата протестирачи.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Притвор од 30 дена за екс директорот на Царина, Стефан Богоев и другите тројца осмничени за местење тендер

Дејан Дејан

Протест на граѓани поради опасното возење и сообраќајните несреќи на улицата „Бутелска“ – бараат надлежните бргу да реагираат

Igor Trajkov

(живо)Ова е рана фаза на истрагата, ќе се обезбедуваат и дополнителни докази, вели обвинителката за случајот со Богоев – Се чека одлуката на Кривичениот суд за барањето за притвор

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе