Вести Свет Топ вести

Евакуацијата на Мариупол „трошка надеж“ за безизилезната ситуација на цивилите и војниците во Азовстал

Евакуацијата на цивилите од опколениот Мариупол е „трошка надеж“, но ситуацијата и понатаму е исклучително тешка, оцени советникот на украинскиот министер за одбрана Јуриј Сак. Во челичарницата Азовстал има повеќе од 1.000 цивили и 500 ранети војници од Азовскиот полк, кои исто така треба да бидат евакуирани за да ја добијат потребната медицинска помош. Руското Министерство за одбрана соопшти дека две групи, од по 25, а потоа и 21 лице, ги напуштиле станбените згради во близина на челичарницата. Украинската страна јавува само за 20 евакуирани кои со помош на автобусите од ОН и Меѓународниот Црвен крст се префрлени во близина на Запорожјке, територија под контрола на Украинците.

Повеќе жени и деца синоќа излегоа од подземните бункери на фабриката за челик, која е последното одбранбено упориште во разурнатиот Мариупол. ОН и Црвениот крст се уште работат на организирање на евакуацијата на дури 1.000 цивили кои задно со 2.000 украински борци без резерви на храна, вода и лекови се уште се под фабрика за челик, која датира од советската ера и е единствениот дел од градот што не е окупиран од Русите.

  • Засега во тек е специјална спасувачка операција од страна на Азовскиот полк, каде со јажиња ги извлекуваме цивилите од блокадата – жени, стари лица, жени и деца. Се надеваме дека овој процес ќе продолжи и ќе успееме да се евакуираат сите цивили. За ранетите, тоа се луѓе на кои им е потребна неопходната медицинска помош, но не знаеме зошто не се евакуираат, а воопшто ништо не се споменуваат во врска со нивната евакуација на територијата контролирана од Украина. рече Свјатослав Паламар, заменик командант на Азовскиот полк.

Во ненајавена посета на Киев, пристигна Претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, која ја предводеше делегацијата на Конгресот. Таа на средбата со украинскиот претседател Зеленски, вети американска поддршка „до завршување на борбата“ и најави дека Конгресот наскоро ќе одобри 33 милијарди долари помош за Украина.

  • Нашите дискусии се фокусираа на темата за која прашувате – безбедност, хуманитарна помош, економска помош и на крајот обнова кога ќе се случи победата. Бевме горди што му пренесеме порака за единство од Конгресот на Соединетите Држави, порака на благодарност од американскиот народ за неговото лидерство и восхит до народот на Украина за нивната храброст, рече Ненси Пелоси, претседател на Претставничкиот дом на САД.

Пелоси денеска е во Полска, а Зеленски ги продолжи дипломатските напори за обезбедување поддршка преку телефонските разговори до Макрон и Џонсон.

  • Денеска разговарав со претседателот на Франција Емануел Макрон. За различни области на соработка меѓу Украина и Франција, особено во одбраната. Исто така – за соработката на патот на Украина кон Европската унија. Ние се движиме кон политичко официјализирање на она што веќе е факт: Украина стана интегрален дел од обединета Европа, рече Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека нејзините системи за противвоздушна одбрана собориле два украински бомбардери Су-24м над регионот Харков во текот на ноќта. Министерството соопшти дека користело високопрецизни ракети Оникс за да го нападне аеродромот во Одеса, откако Украина ја обвини Русија дека ја урнала новоизградената писта. Русија ја обвинува Украина и за гранатирање на цивили во Керсон. Во соопштението на руското Министерство за одбрана се наведува дека украинските сили гранатирале училиште, градинка и гробиштата во селата Киселивка и Широка Баклка, во Керсон. Украинските власти сè уште не одговориле на обвинувањата од Москва.

Билјана Ставрова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Не се прифатени тужбите на ДУИ за изборите, одлучи Управниот суд

Дејан Дејан

Туфегџиќ во „Топ тема“: Завршена е истрагата за таткото на Вања

Дејан Дејан

Прифатени нерегуларностите на изборите за гласачки места во Крушево и Долнени, се одлучува по останатите

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе