Мировните преговори меѓу Киев и Москва, цел месец се заглавени во обвинувањата меѓу завојуваните страни. Лавров ја обвини Украина за играње игри под водство на западот, а Зеленски вели веќе нема никаква доверба за да седне со руската страна на маса. Рускиот амбасадор со САД ги осуди обвинувањата на Пентагон, откако портпаролот на Пентагон ги нарече воените дејства на Путин „изопачени“. Жените на војниците од Азовскиот полк бараат извлекување по примерот на операцијата Данкерк, во Втората Светска војна.
Рускиот амбасадор во САД Анатолиј Антонов ги отфрли обвинувањата на портпаролот на Пентагон Џон Кирби дека рускиот претседател Владимир Путин постапил со „изопаченост“ во текот на инвазија на Украина. Кирби, беше многу емотивен зборувајќи за „бруталноста“ и „изопаченоста“ на Путин и речиси сосема „скршен“ рече: „Тешко е да се гледа тоа што ги прави тој во Украина, бруталност од најстуден и најразвратен вид “. Рускиот амбасор Антонов изјавата на Кирби ја нарече „навредлива и неприфатлива“.
- Тешко е да се гледа тоа што го прави тој во Украина, што прават неговите сили во Украина и да се мисли дека секој етички, морален поединец може да го оправда тоа. Тешко е да се погледне – извинете – тешко е да се гледаат некои слики и замислете дека некој добро размислува, некој сериозен зрел лидер би го направил тоа. Значи, не можам да зборувам за психологија, но мислам дека сите можеме да зборуваме за неговата изопаченост, Џон Кирби, портпарол на Пентагон.
Шефот на руската дипломатија Серегј Лавров, ги обвини Вашингтон и Лондон за забавување на преговорите со кои треба да се стави крај на војната која влезе во третиот месец. Додека Лавров обвинува за „играње игри“, Зеленски изразува целосна недоверба во процесот. Последните преговори помеѓу Украина и Русија лице в лице беа на 29 март, а атмосферата се влоши по масакрот во Буча, кој рускија го негира.
- Заглавени сме поради оваа недоследност, поради нивната желба да играат игри секој пат и колку што можам да претпоставам, поради инструкциите што ги добиваат од Вашингтон, од Лондон, од некои други престолнини да не го забрзуваат преговарачкиот процес, Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.
- Кога тие потврдуваат нешто, како на пример размена, јас не верувам во тоа. Тие потврдуваат некаква размена, а потоа „нешто тргна наопаку“ – еднаш, двапати, три пати. Тоа значи дека една личност е одговорна, тоа е се. Затоа ќе се реализираат само директни преговори и директни договори за нешто. Ова е во основа мојата вера и конечното разбирање на целиот овој процес. Но, ризиците тие целосно да ги прекинат се многу високи, Володимир Зелнски, претседател на Украина.
Лавров информираше дека повеќе од милион луѓе се „евакуирани“ од Украина во Русија од почетокот на инвазијата. Предходно украинските власти ја обвини Русија дека ги носи луѓето преку граница против нивна волја и наводно ги користи како заложници.
Се уште неизвесна е ситуацијата во челичарницата Азовстал. „Мариупол е руски концентрационен логор среде урнатини“, рече Зеленски. Се проценува дека околу 2.000 украински бранители и 1.000 цивили се заробени во огромната подземна мрежа на бункери на челичарницата. Жените на борците од Азовскиот полк, побараат помош од САД и Европа, велат сите мора да се евакуираат во трети земји во стилот на мисијата Данкерк, односно поморската операција од Втората светска војна за спасување на британските и сојузничките трупи опкружени од германските сили во северна Франција.
- Сакав само да кажам дека и животите на војниците се важни, и не можеме да зборуваме само за цивили. И се надеваме дека ќе можеме да ги спасиме и војниците, не само мртвите, не само повредените, но сите тие. Таму има речиси 1.000 цивили и 600 повредени војници, но не можам да ви кажам колку војници има таму бидејќи тоа е воена тајна, Јулија Федусиук, сопруга на борецот од Азовскиот полк Арсениј Федусиук.
- Единствено решение е евакуација во трета земја која е доволно храбра да ги евакуира, да биде земјата која, ќе ги евакуира, како процедура на извлекувањеКатерина Прокопенко, сопруга на водачот на Азовскиот полк Денис Прокопенко.
Борбите продолжуваат и во регионот на Донбас на исток на Украина. Но, руската акција е задоцнета и се движи бавно, вели висок претставник на американската одбрана.
Билјана Ставрова
