Министерството за финансии обезбеди финансиски средства за БЕГ со кои може да набави гас. Средствата се од развојната банка на Северна Македонија во форма на поволен кредит од 8 милиони евра. Тие се понудени на компанијата, меѓутоа за кредитот БЕГ како приватна компанија треба да понуди гаранција според пазарни банкарски услуги. Доколку тоа не се случи, тогаш се разгледува опција за времено преземање на работењето со компаниите во Скопје којшто се задолжени согласно со своите лиценци да обезбедат топлинска енергија на граѓаните на градот Скопје, вели мандатарот Димитар Ковачевски.
Ковачевски вели дека целата инфраструктура и услугата за затоплување со парно греење е во надлежност на градот Скопје и тој требал да предвиди мерки коишто очигледно не се предвидени.
„Економскиот тим на Владата веќе одржа состанок на којшто се разгледа ситуацијата и се донесоа неколку одлуки за решавање на кризата. Сите владини институции веќе плаќаат цена за топлинска енергија по пазарски услови што значи според цената на гасот која ја набавува операторот на системот во градот Скопје.“ – изјави мандатарот Димитар Ковачевски.
Во вчерашното гостување во емисијата Топ Тема на Телма телевизија, градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска изјави дека Градот нема никаква надлежност, а во однос на превземањето на дел од ингеренции на градскиот енергетски систем како претпријатие, не успеале да добијат лиценца од Регулаторната комисија за енергетика.
Министерот за економија Крешник Бектеши во дебатата со Арсовска рече дека власта во ниту еден момент не го префрлила проблемот со парното да го решава сам Градот Скопје, туку Градот да се вклучи со одредени програми и директна помош на граѓаните за да се надмине оваа енергетска криза.
