Првите корона тестирања во казината на југот на државата почнале да се вршат на 19-ти декември. Една недела подоцна, Обвинителството отворило предистрага бидејќи во казино не смее ниту да се тестира ниту да се дава било каква здравствена услуга ниту пак да се издаде лиценца. Но гевгелиските и дојранските казина тоа го правеле без проблем, а постои сомнеж дека голем дел од грчките казино туристи добивале лажни негативни корона тестови, како што наведе и солунската телевизија Опен. Обвинителството потврди дека се извршени претреси во казината, но и во лабораторијата Елимедика плус за која е утврдено и дека имала пункт на тестирање на меѓународниот автопат во киоск.
Со двете наредби е опфатено пребарување на компјутерскиот систем, проверка на податоци, одземање лабораториски извештаи, списоци, евидентни листови и друга документација, како и споредување на податоците со цел да се утврдат евентуални незаконитости. Наредбата се однесува на целиот период од почетокот на изведувањето на ваквиот тип тестови во наведените казина.
Предметот за Елимедика плус се разгледува во Министерство за здравство и утре се очекува носење на одлука дали ќе и биде одземена лиценцата за вршење на корона тестови или пак ќе и остане лиценцата. Како што веќе објави завчера Телма, на 6-ти јануари Здравствено-санитарниот инспекторат утврдил дека тројца вработени лаборанти на Елимедика, во скафандери и со заштитна опрема, во административен простор на дојранското казино Кинг чекале грчки коцкари за рапид тестирање. Само тој ден завеле 7-мина тестирани во казиното иако постои сомнеж дека тестирања воопшто и не се вршеле. Во истрагата е вклучена и полицијата која од надлежните здравствени институции барала документација за лиценцата на лабораторијата Елимедика како и за условите каде смее да се врши тестирање. За давање здравствени услуги без дозвола-како што е казино корона тестирање, Законот за здравствена заштита предвидува најмалку 4 години затвор.
Миомир Серафиновиќ
