Со поднесената иницијатива Демократскиот сојуз бара сите партии и независни листи да имаат еднаков третман и шанси на изборите.
Да се укинат одредбите за медиумско претставување кое на големите партии им овозможува време од 8 минути а на малите само една минута.
Претседателот на Демократскиот сојуз Павле Трајанов бара од мандатарот Димитар Ковачевски, веднаш по гласањето за новата Влада да се отвори расправа за измените на Изборниот Законик, Македонија да биде една изборна единица без изборен праг.
Во спротивно може да биде доведена во прашање натамошната поддршка на новиот владин кабинет.
На предлогот за измени на Изборниот законик се потпишани 20 пратеници од малите партии. Тие не сакаат повеќе да бидат приврзок на големите партии и да зависат и коалицираат постојано со нив.
На средбата со Ковачевски ќе го информираат за потребата од демонтирање на монополот на четирите партии кои 30 години владеат во државата и ќе се побара да се создадат услови за системски промени.
Иако предлог измените на Изборниот Законик се поднесени пред речиси една година , во овој период големите партии преку работните групи не успеаа да ги усогласат ставовите за изборниот модел.
Но овој пат, малите партии се упорни нивната иницијатива да се реализира. Покрај ова,Демократскиот сојуз од Ковачевски ќе бара да се формира и Агенција за борба против корупцијата, ревизија на политички монтираните случаи, субвенционирање на вработувањето на една година на сите лица кои ќе завршат високо образование.
ДОМ ќе инсистира на измени во Законот за урбанистичко планирање и формирање ново министерство за енергетика и клима.
Денеска лидерот на СДСМ Ковачевски ја заокружува серијата разговори со коалициските партнери за новиот владин кабинет.
Во седиштето на партијата тој се сретна и со Претседателот на Алтернатива Африм Гаши кој ќе има три министерски места, за здравство, информатичко општество и администарција и без ресор.
Имиња не се соопштуваат .предлог програмата и сотавот на Владата ќе бидат доставени до Собранието најдоцна до вторник.
Јулијана Пешевска
