- Борци. Ова е епитетот кој го заслужуваат предвреме родените бебиња. Дојдени на свет порано, тешки и по само неколку стотина грама, тие првиот здив го земаат во инкубатор. Неподготвени биолошки и физиолошки за нормално функционирање во надворешниот свет, ситни и слаби, со плач кој едвај им се слуша, тие го почнуваат животниот пат на потешкиот начин. Но од година во година се повеќе приказни на предвремено родени бебиња имаат среќен продолжеток.
Таква е и приказната на Илин Трајковски, студент на факултетот за безбедност, чиј животен сон е еден ден да биде дел од полициските сили и на таков начин да им помага на луѓето, а чии родители пред 22 години пак имале единствена желба – тој да преживее. Роден со само 1.450 грама во 34 недела од бременоста на неговата мајка. Оценката за неговата општа кондиција во првите 10-на минути од неговиот живот – рефлексите, дишењето, бојата на кожата – била најниска.
“Поминале премногу тежок период тие два месеци. Секој ден била борба за следниот ден дали ќе бидам подобар, дали ќе ми се подобри ситуацијата или ќе ми се влоши. Кога сум дошол дома од инкубатор, сум бил два килограми. Но со тек на годините сум се подобрувал и сум успеал”, ја раскажува својата приказна Илин.
Илин вели дека досега не се соочил со предрасуди поради тоа што е предвреме роден, смета дека е тоа е веќе надминато, иако понекогаш самиот си поставувал животни прашања.
“Понекогаш јас лично сум се запрашувал, сум имал проблеми порано, дали ќе ме совладаат тие проблеми, дали ќе имам некакви недостатоци, во физичка активност, во менталното здравје, без разлика каква ситуација. Но никогаш не сум осетил до денеска. Сум израснал во жив, здрав човек, без некои комобирдитети”, вели Илин.
Приказната на Илин не е единствена. На Клиниката за гинекологија ваквите среќни продолжетоци имаат и свој простор каде за нив раскажуваат фотографиите.
Таму се и луѓето во бели мантили кои успеаа бројот на смртни исходи на предвремено родените деца од 25% во 2016 да го намалат на 8,9% во 2021 година, заклучно со 15 ноември. Ако од оваа статистика се изземат бибињата родени пред 27 гестациска недела, што е премногу рано за преживување дури и во инкубатор, процентот на смртност на предвреме родените бебиња, кои во 2021 ги имало 808, е 3,9%.
“Имаме драстично подобрување, значи и глобално, во светот, но и кај нас, на исходите. Значи генерално имаме се подобри помали бебиња и со подобар исход. За жал секогаш се случува да има и по некое кое ќе има некакви потешки последици и тоа е јасно и за жал тоа мора да го прифатиме. Меѓутоа идејата е да има колку што е можно помалку такви. И многу е важно исто така семејството, родителите, да бидат свесни. Затоа ние имаме тенденција од многу рано да разговараме со нив”, вели Денис ал Кхалили, педијатар на одделот за интензивна неонатологија на ГАК.
Последиците можат да бидат различни од проблеми со невролошкиот развој, слухот, видот, фината моторика, учењето, па дури и социјалните контакти на овие деца може да бидат различни од другите деца. Но неонатологијата од ден во ден се унапредува, како и апаратите за поддршка на предвреме родените деца, поради што драстично се подобриле исходите кај предвреме родените бебиња, кои сочинуваат околу 15 проценти од сите живородени деца во земјава.
“За среќа имаме навистина многу добри приказни за бебиња кои што се родени со 700 – 800 грама, кои што се сосема здрави, невролошки нормални дечиња. Така што се надеваме дека и понатаму ќе биде така. Дека овие резултати ќе се подобруваат”, вели д-р Ал Кхалили.
На лицето на д-р Ал Кхалили јасно се чита радоста кога зборува за децата кои родени со по 600 – 700 грама здрави го напуштаат неговиот оддел. Тоа тој го смета за најголем успех за еден лекар, а уште поголема среќа, вели, е кога тоа дете ќе го видите како норлано ги живее своите детски денови по три, пет, десет години.
Во моментов на неонатологија има околу 40 бебиња на кои им е потребна помош на инкубатор.
Колку флашичка вода, 580 грама, тежи најмалото бебе во моментов сместено во инкубатор на Клиниката за гинекологија во Скопје, родено во 24-та гестациска недела или во шестиот месец од бременоста на мајката.
Досега со најмала тежина бебе кое здраво ја напуштило болницата било тешко само 500 грама, а родено во 29 недела од бременоста. Додека најпредвре роденото кое успешно своето детство го продолжило во семејниот дом било родено во 24 недела со само 720 грама.
Пораката на нивниот постар соборец Илин е кратка и јасна.
“Да се бориш секој ден, да веруваш во себе. И никогаш да не се откажуваш од својот живот”, е пораката на Илин.
Тамара Грнчароска
