Два месеци одмарале, а останатите држеле по само неколку седници. Во ноември пратениците само двапати влегле во пленарната сала, во септември 4 пати, во февруари 5, во мај 6, а во јануари 7 пати. Малку поактивни биле во март, декември и јуни, кога одржале по 10 седници. Најмногу работеле во април, цели две недели. Во август беа на одмор, а во октомври воопшто не работеа поради изборите. За цела година одржале само 77 седници, но претседателот на Собранието не се согласува со впечатокот на јавноста дека тоа е малку.
Од вкупно 59 закажани пленарни седници, 39 се завршени, а 20 останале за оваа година. Статистиката покажува и висока бројка на донесени закони по скратена постапка, 79, наспроти 111 во редовна постапка.
Како ограничувачки услови за работа, Џафери ги наведува локалните избори, најавената оставка на премиерот и неизвесната политичка ситуација, како и протоколите за заштита од Ковид и отсуствата на пратеници поради вирусот. Се надева дека, со зголеменото мнозинство од 64 пратеници, наспроти претходното, ќе има повеќе простор за планирање и одлучување.
Во интервју за МИА, вели и дека од мандатарот за состав на влада, Димитар Ковачевски, очекува коректна комуникација, како од времето кога беше заменик министер. Се надева дека изборот на нова влада ќе се одржи во пленарната сала која е опремена со нова технологија и е целосно дигитализирана. Материјалите до пратениците ќе се доставуваат електронски, а таков ќе биде и начинот на гласање.
Далиборка Дамјанска Цветановска
