Иако уште минатиот вторник владата го назначи Реџеп Реџепи за нов директор на најголемиот македонски затвор Идризово, тој досега не се појавил ниту во Управата за извршување на санкции ниту пак извршил примопредавање на функцијата со досегашниот директор Јовица Стојановиќ.
Реџепи досега беше директор на средното училиште во општина Врапчиште, а по професија е дипломиран психолог. Бил кандидат за пратеник и кандидат за градоначалник на Врапчиште. Член е на Алтернатива.
Досега немал директно искуство со работа и активности во затворскиот систем туку работел во образовниот систем.
Како што самиот ни изјави во телефонски разговор дури на крајот на минатата работна недела во владата го потпишал решението за назначување на в.д. директор на Идризово.
Оваа недела ќе ја преземе функцијата иако прво ќе мора да расчисти со претходната директорска позиција во средното училиште во Врапчиште. Претходниот директор Стојановиќ пак од петок е на одмор и не го дочекал новиот директор.
– Не сум се сретнал со стариот директор, а не бев ниту повикан од негова страна да се видиме. Кога ќе ја преземам функцијата и ќе извршам анализа ќе определам и ќе го испланирам идното раководење со затворот, ни изјави Реџепи во телефонски разговор откако го прашавме која е неговата програма за работа.
Идризово е најголем затвор во државата. Бројот на затвореници се движи помеѓу 850 и илјада во секој момент. Во него е единственото женско затворско одделение, само во Идризово казната ја издржуваат странци и осуденици на доживотен затвор. Исто така таму се сместени и најризичните и најопасни затвореници осудени за тероризам.
Миомир Серафиновиќ
