Државите ширум светот воведуваат строги мерки и затворања како заштита од ширењето на новиот сој на коронавирусот Омикрон. За влез во соседна Грција од денеска се потребни негативен Пи-Си-Ар или рапид тест за сите над пет години. Оваа вонредна мерка за празничниот период ќе трае до 10 јануари идната година. Дополнително, невакцинираните и оние кои не прележале Ковид-19, а пристигнуваат од списокот од 16 земји, меѓу кои и Северна Македонија, задолжително ќе бидат тестирани по влезот во Грција.
Божиќните затворање во земјите ширум светот ги изнесе на улица луѓето, кои се спротивставуваат на ограничувањето на слободата на движење, како и на вакцинирањето на најмладите. Улиците на Париз, Барселона, Лондон се мегдан на спротивставените ставови на власта и граѓаните. Озвикувајќи слобода, слобода парижани обвинуваат дека се работи за политички, а не за здравствени мерки.
– Сертификаките за вакцина се облик на диктатура, не здравствена мерка, туку политичка. Мораме да сфатиме дека сме со систем кој ја ограничува нашата слобода- Рафаел Вож, демонстрант.
– Вакцинацијата на деца е пекол. Зошто да ги вакцинираме оние од 5 до 11 години кои не се во опасност?- Клер Мејсонав, демонтрант
Британскиот министер за здравство вели дека со преминувањето на Планот Б и воведувањето на новите мерки – задолжителни заштитни маски на затворено, работа од дома и ковид пропусници, ситуацијата се држи под контрола. Британија е меѓу 89 земји каде рапидно расте бројот на случаи на инфекции со Омикрон. Џавид смета дека за сега нема потреба од карантин во Британија.
– Веќе презедовме мерки. Оваа недела во парламентот се премина на план Б, во што ни малку не уживав. Не дојдов во владата за да ја ограничувам слободата на луѓето, но мислам дека луѓето разбираат. Претставена ни е акцијата на парламентот и ја држиме ситуацијата под контрола- Саид Џавид, министер за здравство на В. Британија.
Во Ирска од утре до крајот на јануари во 20 часот ќе бидат затворени баровите, рестораните, кината и ќе има строги ограничувања за сите собири. Капацитетите на собирање на настани на отворено се ограничени на 50 проценти. Во Ирска сојот Омикрон сочинува околу 35 проценти од сите регистрирани инфекции.
Холандија од денеска е во целосен карантин. Освен продавниците за неопходни намирници се останато ќе биде затворено до средината на јануари. Ќе бидат дозволени по двајца гости во домаќинствата, односно четворица за време на празниците. Премиерот Марк Руте рече дека ограничувањата се „неизбежни“.
Ни снегот не можеше да ги спречи купувачите во Торонто, кои брзаа да завршат со набавката на неопходните намирници, како и божиќни подароци пред влегувањето во сила на строгите мерки. Во Канада повторно се воведуваат ограничувања на капацитетите во рестораните и баровите.
Повикот до граѓаните од здравствените власти е ист во сите држани- сите да се вакцинираат.
Билјана Ставрова
