Ниту една претставка не пристигнала на адреса на Народниот правобранител во земјава за извидничкиот „секс-скандал“ кој веќе е под истрага.
Сепак, Омбудсманот земајќи ја предвид сензитивноста на целиот случај, на своја иницијатива веќе отворил предмет за настанот кој се случил минатиот викенд и на кој било барано од постари малолетници да глумат секс пози, да симулираат секс, да се соблекуваат.
„Факт е дека се работи за ученици, за деца коишто согласно Конвенцијата за правата на детето и согласно законската регулатива треба да бидат заштитени од било каква злоупотреба особено кога се работи за деца на чувствителна возраст и за коишто треба особено внимание што сепак го отвара прашањето за вклучување на други органи во конкретниот случај заради обезбедување на соодветна поддршка за надминување на евентуалните трауми“ вели Васка Бајрамовска-Мустафа – Заменик на Народниот правобранител.
Од детската амбасада „Меѓаши“ побараа од Обвинителството што поскоро да даде информации за случајот и повикуваат на кривична одговорност.
Одговорност да има за организаторите, да се повикаат на одговорност и финансиерите кои дале средства за одржување на настанот, но и да се запрашаат родителите како одобриле присуство на децата на настанот и какви информации имале за истиот, велат од „Меѓаши“.
„Бараме Јавното обвинителство најитно и темелно да го расчисти случајот бидејќи постојат сериозни индиции дека станува збор за кривично дело во кое децата се жртви на манипулација и злоупотреба. Воедно ги охрабруваме дојавувачите да бидат во што поголем број и да се дознае вистината“ велат од Првата детска амбасада „Меѓаши“.
Уште вчера имаше информација од Министерство за внатрешни работи дека во вторникот, родител на дете учесник во кампот поднел пријава во полиција.
Известено е и Обвинителството, по чиј налог се повикани на разговор одговорните лица во извидничкиот одред.
Град Скопје соопштија дека се оградуват од активностите на кампот како досегашни соработници со Првиот скопски извиднички одред и веќе ја прекинаа соработката.
Додека, пак, организаторите соопштија дека погрешно биле протолкувани активностите кои се одвивале на педесетина километри од центарот на Скопје.
Петар Догов