Македонија

Пожарникарите подновени со нови средства за гаснење на пожари

Пред само неколку дена, вакви слики гледавме од Берово, Пехчево, Кочани и други места. Огнена стихија, пожарникари, механизација.

Денес сличен декор повторно, на нешто повеќе од илјада метри надморска височина и надвиснато над Скопје – во шумите на планината Водно. За среќа овојпат помалку тензично отколку на истокот на земјата. Пожарникарите овде не дојдоа на повик, туку за вежба.

Покажаа дека новите изуми и иновации носат и нова надеж за безбедноста во ризични ситуации како што се пожарите. Скопската противпожарна бригада сега има ново средство за борба со пламените јазици – раствор со кој се прска околу местото каде што беснее оганот и не дозволува истиот да се прошири.

Се употребува на терен околу трева и ниска вегетација, а за големи пожари каде што горат и крошните на дрвјата може да е од помош ако се исфрла од летала.

Само скопската противпожарна бригада располага со препаратот за ставање под контрола на пожарите. Сепак, се очекува да има интерес и од бригадите во другите градови.

Средството не е отровно за животната средина, а е од голема помош на пожарникарите. Го измислил и патентирал Влатко Тасевски. Вели донирана е извесна количина на Град Скопје, а за некое време ќе почне и да се продава.

Веќе имаме поднесено патенти во Македонија и во Англија, добиени се сите потребни сертификати за животна средина и направена е токсиколошка анализа на производот, се е безбедно и подготвен е производот да се имплементира во реалноста, изјави Таневски.

Апелирам до граѓаните, бидејќи видовте колку лесно се разгоруваат пожарите во вакви услови какви што имаме, да се придржуваат се уште до забраната за движење низ планините и да внимаваме заедно на најголемото богатство коешто го имаме, порача Шилегов.

Средството коешто чекаше патент ќе се најде при некои идни пожари, а годинава ги имаше многу. Тоа го потврдува и Владимир Симоновски, командантот на скопската Пожарна. За подметнувачите, Симоновски упатува кај надлежните институции.

Во периодот од 26 јули до 16 август на целата територија на Република Северна Македонија имало 106 пожари, а на територија на Град Скопје од 1 август до 15 август има 129 пожари. На територија на Град Скопје имало повеќе интервенции од кои 90 се на отворен простор, но ниту еден од тие не беше вон контрола, ниту пак беше побарана помош од страна, изјави Симоновски.

Скопските пожарникари придружувани од екипи на ЈП „Паркови и зеленило“ на Водно покажаа и друга специјална опрема за гаснење пожари. Опремата се состои од два шумски четвороцикли, рачни пумпи за гасење пожар, моторни пумпи за вода и други алати.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Се урна дваесет метарски ѕид во Дебар Маало при ископување на темели за зграда – соседи стравуваат додека инвеститорот смирува

Tea Dimkovska

Гостиварскиот парк во кој животот го загуби 14-годишното девојче затворен – истрагата се уште трае

Tea Dimkovska

Власта прифати два опозициски амандмани за време на расправата за ребаланс на буџетот

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе