Пред само неколку дена, вакви слики гледавме од Берово, Пехчево, Кочани и други места. Огнена стихија, пожарникари, механизација.
Денес сличен декор повторно, на нешто повеќе од илјада метри надморска височина и надвиснато над Скопје – во шумите на планината Водно. За среќа овојпат помалку тензично отколку на истокот на земјата. Пожарникарите овде не дојдоа на повик, туку за вежба.
Покажаа дека новите изуми и иновации носат и нова надеж за безбедноста во ризични ситуации како што се пожарите. Скопската противпожарна бригада сега има ново средство за борба со пламените јазици – раствор со кој се прска околу местото каде што беснее оганот и не дозволува истиот да се прошири.
Се употребува на терен околу трева и ниска вегетација, а за големи пожари каде што горат и крошните на дрвјата може да е од помош ако се исфрла од летала.
Само скопската противпожарна бригада располага со препаратот за ставање под контрола на пожарите. Сепак, се очекува да има интерес и од бригадите во другите градови.
Средството не е отровно за животната средина, а е од голема помош на пожарникарите. Го измислил и патентирал Влатко Тасевски. Вели донирана е извесна количина на Град Скопје, а за некое време ќе почне и да се продава.
Веќе имаме поднесено патенти во Македонија и во Англија, добиени се сите потребни сертификати за животна средина и направена е токсиколошка анализа на производот, се е безбедно и подготвен е производот да се имплементира во реалноста, изјави Таневски.
Апелирам до граѓаните, бидејќи видовте колку лесно се разгоруваат пожарите во вакви услови какви што имаме, да се придржуваат се уште до забраната за движење низ планините и да внимаваме заедно на најголемото богатство коешто го имаме, порача Шилегов.
Средството коешто чекаше патент ќе се најде при некои идни пожари, а годинава ги имаше многу. Тоа го потврдува и Владимир Симоновски, командантот на скопската Пожарна. За подметнувачите, Симоновски упатува кај надлежните институции.
Во периодот од 26 јули до 16 август на целата територија на Република Северна Македонија имало 106 пожари, а на територија на Град Скопје од 1 август до 15 август има 129 пожари. На територија на Град Скопје имало повеќе интервенции од кои 90 се на отворен простор, но ниту еден од тие не беше вон контрола, ниту пак беше побарана помош од страна, изјави Симоновски.
Скопските пожарникари придружувани од екипи на ЈП „Паркови и зеленило“ на Водно покажаа и друга специјална опрема за гаснење пожари. Опремата се состои од два шумски четвороцикли, рачни пумпи за гасење пожар, моторни пумпи за вода и други алати.
Петар Догов
