Кризната состојба на целата територија на државата и бројните огнени жаришта не го попречија годишниот одмор на функционерите.
Половина од министрите, меѓу кои и премиерот Зоран Заев се на одмор од 3-ти до 12-ти август.
Владата соопшти дека министрите секојдневно заседаваат и одржуваат седници онлајн, за да ги носат сите потребни одлуки.
-Согласно меѓусебна координација, дел од министрите нема да користат денови од годишен одмор во овој период, а со цел да се обезбеди и теренска и канцелариска координација на активностите секогаш и секаде каде што е потребно, велат од владата.
За комуникологот Бојан Кордалов малку е чудно ваквото објаснување бидејќи – или сте на одмор или координирате и работите.
Се согласува дека секој човек има право на одмор, но очекува како држава да располагаме со опрема и со системски решенија за подобро справување со вакви кризни ситуации.
„Прогласија кризна состојба и ги снема“, реагираше ВМРО ДПМНЕ, со чувство дека граѓаните се препуштени самите на себе.
Владеачката СДСМ одговара: „Сите надлежни институции на централно и на локално ниво се активни за справување со пожарите.
“Владата е во постојано заседание, министри се на терен секојдневно, државата, институциите се тука за граѓаните, системот функционира. Во ВМРО ДПМНЕ треба да одговорат каде е политичкиот пироман Христијан Мицкоски? Дали е на одмор во Црна Гора или во некоја друга земја?” –тврдат од СДСМ.
Вчера, на седница со која раководеше вицепремиерот Артан Груби, Владата прогласи 30-дневна кризна состојба на целата територија на државата.
Причина се ризиците од пожарите по здравјето и безбедноста. Владата добива право да располага со сите ресурси.
Очигледно, до четврток, кога премиерот се враќа на работа, тоа ќе се прави главно телефонски и по интернет.
Соња Николовска
